Јакимовски реагира на новодонесениот ДУП во Ѓорче Петров: Донесен е без одобрение од Град Скопје и предвидува изградба на две хемиски фабрики

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска на прес-конференција реагираше на новодонесениот Детален урбанистички план (ДУП) за градска четврт СЗ 16 во централното подрачје на Ѓорче Петров, кој вчера беше изгласан од Советот на Општина Ѓорче Петров.

Јакимовски вели дека со планот е предвидена изградба на една 20-катница, четири 17-катници, две 14-катници, шест 12-катници, седум 9-катници, седум 7-катници и уште десетина помали згради во кои е преведно да живеат нови десет и пол илјади жители. Со тоа, како вели, ќе се врши дополнителен притисок врз инфраструктурата во Општина Карпош, особено врз канализациската, а зголемениот број на жители ќе го оптерети сообраќајот по булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Ацо Шопов“ и ќе направи дополнителен метеж.

Покрај десетици згради кои ќе се градат на границата со Општина Карпош, од кои голем дел со над десет ката, вели дека е предвидена изградба на две хемиски фабрики чии отпадни води ќе одат во канализацијата во Карпош.

„Дали сега им е јасно на граѓаните зошто ја раскинав коалицијата со Христијан Мицкоски? Ја раскинав токму поради неговата непринципиелност, некоректност. Затоа што гледате како се однесува таму каде што има интерес и какви инструкции дава на својата партија дури на вонредна седница да извршат таква огромна бетонизација во непосредна близина на неговото живеалиште. Навистина е чудно како нему му пречи деветкатница на 200 метри од него, а не му пречат 20-катници, 17-катници, 14-катници на 500 метри од неговото живеалиште. Можете да видите како се обидуваат со спинови да ни кажат дека таму ќе имало училиште, па дури и име му дале – ќе се викало ‘Гоце Делчев’“,
рече Стевчо Јакимовски на денешната прес-конференција.

Градоначалникот на Општина Карпош на прес-конференцијата обвини дека овој овој ДУП во Ѓорче Петров е донесен на, како што вели, криминален начин зашто истиот нема одобрение од Град Скопје.

„Значи без согласност на Град Скопје ќе се градат две нови хемиски фабрики коишто ќе го загадуваат и загрозуваат животот на жителите на Општина Карпош, а особено на жителите на Влае 1 и 2, Карпош 4 и Нерези“,
вели Јакимовски.

Инаку, од Општина Ѓорче Петров вчера информираа дека на вонредна седница на Советот без ниту еден глас „против“ е донесен ДУП за градска четврт СЗ 16 во централното подрачје на општината.

Планот се однесува на реонот од кружниот тек помеѓу Ѓорче Петров и Влае па сè до наплатниот пункт на ЕВН непосредно пред мостот кон населбата Даме Груев, односно го опфаќа целиот простор спроти пазарот.

„Со урбанизирање на овој дел од општината, овозможуваме изградба на: ново основно училиште, нова детска градинка, нов парк од 10 000 квадратни метри во срцето на Ѓорче Петров, дополнителни нови 8,5 хектари зеленило надвор од градежните парцели (повеќе од предвидениот законски минимум), нови детски игралишта, нов спортски центар, ново булеварско решение, нов трговски центар, нови развојни погони, катна гаража“,соопштија од Општина Ѓорче Петров.

Back to top button
Close