Муцунски: Уставни измени во овие политички услови нема да има,ќе понудиме одложена примена

Муцунски повтори дека во постоечките политички услови нема да има уставни измени, додавајќи дека „одложната примена на уставните измени е една легитимна алтернатива којашто ја нуди ВМРО-ДПМНЕ“. „Истовремено, од наша страна ќе се бараат гаранции од ЕУ за македонскиот идентитет, јазик, но и гаранција дека веќе нема да имаме билатерализација на европската интеграција на нашата држава“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ

Доаѓа крај на попустлива надворешна политика, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, на програмската дебата насловена „Дипломатски хоризонти – реформи во политичкиот систем, стратегии за надворешната политика и дипломатија” во рамки на целодневниот настан на кој опозициската партија презентира сегменти од изборната програма „Платформа #1198″.

„Она што треба да го знаат нашите сограѓани доаѓа крај на попустлива надворешна политика, која имаше само една цел во последните години, а тоа е да ги штити тесните интереси кои што беа на власт“,рече Муцунски.

Полноправно членство во ЕУ е основниот приоритет на надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, но повтори дека ставот на партијата за спорот со Бугарија е јасен, а тоа е дека нема да има уставни измени во постоечките политички услови.

„Без никаков сомнеж, одложната примена на уставните измени е една легитимна алтернатива којашто ја нуди ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено, од наша страна ќе се бараат гаранции од ЕУ за македонскиот идентитет, јазик, но и гаранција дека веќе нема да имаме билатерализација на европската интеграција на нашата држава“,рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, една работа којашто ќе ја прави идната влада е Македонија да биде држава што ќе биде силно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а за клучен приоритет го спомна и „негувањето на стратешкото партнерство со САД“.

Муцунски смета дека веднаш терба да се направи евалуација на македонската дипломатска мрежа и да се види кој какви резултати постигнал.

„Знаеме за попустливоста на МНР, знаеме за стратешките грешки. Но, огромен дел од проблемот е што Македонија во моментот има катастрофална дипломатска мрежа. И затоа прво ќе треба да се направи евалуација што нашите амбасадори и конзули за кои што издвојување значителни буџетски средства прават во својата работа, кои резултати ги постигнале, дали тие успеале да донесат некој инвеститор што отворил работни места во Македонија. Врз основа на таа евалуација потоа ќе цениме дали некој постигнал резултати, а тие кои не постигнале резултати ќе треба да бидат отповикани, и професионални, стручни и компетентни кадри да седнат на нивно места“,рече Муцунски.

 

Back to top button
Close