МЗ за штрајкот на приватните специјализанти: Владата ќе го разгледа извештајот со барања на некоја од седниците
По најавата за штрајк на приватните специјализанти, од Министерството за здравство соопштија дека по средбата со нив, е изготвен извештај и доставен до Влада, кадешто на некоја од седниците ќе дојде на разгледување со цел да се видат нивните барања.
-Министерството за здравство секогаш ќе се залага за подобрување на условите за работа на сите здравствени работници, вклучително и на приватните специјализанти кои се важни во здравствениот систем. Во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа препознаени во јавното здравство и платени за својата работа. Ставот на Министерството е позитивен, со цел да им се излезе во пресрет на приватните специјализанти, се вели во соопштението.
Приватните специјализанти утрово преку соопштение најавија генерален штрајк од понеделник. Тие велат дека и покрај одржаниот протест на приватни специјализанти на 27 март и остварената средба со министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, на 2 април, сѐ уште не биле исполнети нивните барања.
-На средбата со министерот за здравство, од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада. После остварената средба со министерот, одржани се две седници на Влада и тоа на 3 и 9 април, на кои според јавно достапните информации на Влада, во ни една од нив не е разговарано за нашите барања, се посочува во соопштението.
Поради тоа, како што се посочува во соопштението, испратено во име на приватните специјализанти при универзитетите за медицински науки „Кирил и Методиј” и „Гоце Делчев“ – Штип, принудени се да го направат следниот чекор – пристапување кон генерален штрајк од 15 април.
Се најавува тој да трае сѐ до исполнување на нивните барања.
Приватните специјализанти најавија генерален штрајк од понеделник