„ЕВН хоум“ ја прифати понудата на ЕСМ од 60 евра за мегават-час на тендерот за набавка на електрична енергија

Ова попладнево го соопштија од „ЕВН хоум“, како Универзален снабдувач на електрична енергија, од каде велат дека на тендерот за набавка на електрична енергија за потребите на корисниците од јули до крајот на годината, за 85 отсто од потребите на регулираниот пазар добиле една понуда, од компанијата АД ЕСМ со купопродажна цена од 60 евра за мегават-час.

За останатите 15 отсто, како што велат од „ЕВН хоум“, биле добиени три понуди, од компаниите „Дуферко МК“, „ЕСМ Продажба“ и „Соле24“, со два и пол пати повисоки понудени цени од таа на АД ЕСМ за 85 отсто од потребите на пазарот.

„Управниот одбор на ‘ЕВН хоум‘ донел одлука да ја прифати понудата на АД ЕСМ за 85 отсто од потребите, додека за останатите 15 отсто, не биле прифатени понудите, поради значително повисоките цени во однос на пазарните во моментот“,

се вели во соопштението од „ЕВН хоум“.

Оттаму посочуваат и дека од 1 јули ЕВН продолжува да врши снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.

На 18 јуни е потпишан договорот со Владата за обебзедување на универзална услуга, по што, како што велат од ЕВН ХОУМ, следува процеес на лицитирање во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

„Овој процес кој е неопходен за обезбедување на континуитет во снабдувањето со електрична енергија преставува голем предизвик, поради краткиот рок до престанувањето на важноста на постојната лиценца, како и отворените прашања во однос на начинот на кој ќе се пристапи кон продолжувањето на лиценцата за периодот од следните пет години“,

информираат од ЕВН ХОУМ.

Во наредниот период, како што се вели во соопштението од компанијата, „ЕВН хоум“ ќе ја пресмета цената на електричната енергија по однапред утврдени параметри и под комплетен надзор на РКЕ и преетходно утврдена методологија.

Во крајната цена на струјата влегува цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на „ЕВН хоум“, цената на Преносниот систем опратор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.

Досега на универзалниот снабдувач му ја продаваше електричната енергија по 57 евра за мегават-час и покриваше 100 отсто од потребите на регулираниот пазар.

Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека нема да поскапи електричната енергија од 1 јули и очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука што нема да биде на товар на граѓаните, а покрај тоа се надева и дека новата влада ќе ја ревидира одлуката на техничката влада со која е зголемена цената по која ЕСМ ја нуди струјата на универзалниот снабдувач и е намален процентот на покривање на потребите на регулираниот пазар.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски пред неколку дена најави дека во текот на наредната недела, по завршувањето на тендерот на „ЕВН хоум“ за набавка на електрична енергија, откако ќе ги имаат на располагање сите параметри, ќе има поконкретни информации за новата цена на електричната енергија што треба да важи од 1 јули годинава.

Група пратеници на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесоа предлог-закон за измена на Законот за енергетика, по скратена постапка. Неговата цел е, како што посочи мандатарот за состав на новата влада Христијан Мицкоски, да се спречи зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата, тема што изминатите денови е актуелна во јавноста, и да се заштити стандардот на граѓаните.

Back to top button
Close