ДКСК: Го следиме именувањето на в.д. директори во државните институции, ќе реагираме ако има неправилности

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) соопшти дека  внимателно го следи процесот на именувања на вршители на должност (в.д.) директори во неколку државни институции. Комисијата ќе го испита секој случај поединечно со цел да утврди дали именувањата се во согласност со законските прописи и дали истите се предвидени и дозволени, велат од ДКСК.

– Доколку се утврди дека именувањата се спротивни на законските прописи, ДКСК ќе преземе соодветни мерки и ќе поведе постапки по сопствена иницијатива. Комисијата се залага за обезбедување на законитост и транспарентност во процесот на именувања и назначувања во државните институции, потенцираат од ДКСК.

Оттаму велат дека целта на овие проверки е да се осигура дека секое именување е направено во согласност со важечките закони и дека нема злоупотреба на функцијата за лични или политички интереси.

– Комисијата ќе продолжи со мониторингот и со својата работа ќе придонесува за одржување на интегритетот и довербата во институциите од јавниот сектор, истакнуваат од Државната комисија за спречување корупција.

Во однос на неодамнешните именувања на нови вршители на дожност на позицијата директор во дел од институциите, кои беа направени на изминатите неколку владини седници, денеска реагираше и доскорешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска. Таа во објава на Фејсбук оцени оти продолжила праксата на назначување директори со партиски пазарења.

„Праксата на назначување директори со партиски пазарења си продолжува. Само нови (а има и старо-нови) се пазарџиите на новите тезги. Живо заинтересирани за личните и партиските интереси. Е па, нема напредок без професионалци“,пишува Ивановска во објавата на Фејсбук.

Фејсбук-статусот на поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска / Фото: Принтскрин

 

На првата седница на новата Влада, што се одржа на 28 јуни, беа именувани нови директори на чело на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Управата за јавни пруходи (УЈП) и Царинската управа.

    • На седницата на Владата одржана на 2 јули беа назначени в.д. директори во неколку државни институции – Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Управата за извршување на санкции, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за храна и ветеринарство, а препорака за именување на нов в.д. директор била упатена и до Управниот одбор на ЈП за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“.

 

    • Нови в.д. директори вчера беа назначени и во Државниот инспекторат за земјоделство, Управата за заштита на културното наследство, Агенцијата за катастар на недвижности, Бирото за регионален развој, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија, Управата за сигурност во железничкиот систем. Владата вчера ги разреши и националните координатори.

 

Back to top button
Close