Почнува судскиот процес против ексамбасадорката во Хрватска за ширење расистички и ксенофобичен материјал и повик за линч на власите во Македонија

Поранешната македонска амбасадорка во Хрватска Д. К. седнува на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд Скопје на 11 септември, за ширење на расистички и ксенофобичен материјал на фејсбук профилот, објави Судот. Судењето ќе го води судијката Моника Бахчовановска. Ова уследува откако таа лани во мај изгуби по претставка поднесена против неа пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Адвокатот Јанаки Митровски, двете влашки партии и неколку влашки здруженија, неа ја пријавиле и во Скопското јавно обвинителство, кое поднело обвинение за Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, по член 394 од Кривичниот законик.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди вознемирување врз основа на етничка припадност, извршено од поранешната македонска амбасадорка врз припадниците на влашката малцинска етничка заедница во Македонија.

Ексамбасадорката која беше на висока позиција и во ВМРО-ДПМНЕ, уште во првата реченица во објавениот текст изнесува досега нечуена квалификација за наводно разнебитување на државата од тоа етничко малцинство. Прашува дали Власите биле лојални граѓани на Македонија. Пишувајќи за идентитетот, измислува дека контаминирале со тврдења оти биле правите наследници на древните Македонци. Таа вели и дека македонската нација била саботирана од нив, а исто така и владата, судството, администрацијата, политичката елита.

Кога Комисијата ѝ ги испратила претставката од загрижениот граѓанин и материјалот, таа воопшто не ги подигнала од пошта.

Комисијата кажа и дека пријавената со написот предизвикала презир кон влашката малцинска етничка заедница во Македонија, додавајќи дека ваков наратив е неприфатлив во едно демократско општество. (СДК)

Back to top button
Close