Се заканува ли ескалација на политичкото насилство во САД?
Анализа на Дојче веле
По обидот за атентат врз Трамп, во САД се шири страв од ескалација на политичкото насилство. Научни студии подолго време предупредуваат од растечка агресија. Дали може да се сопре поларизацијата во САД?
тентатот е најлошото нешто што можеше да се случи во денешна поларизирана Америка. Мора да очекуваме повеќе насилство“, гласи коментарот на политичкиот аналитичар Ијан Бремер на платформата Х, кого го следат околу 800 илјади луѓе и кој го навестува драматичното влијание од нападот врз поранешниот претседател Доналд Трамп.
Сѐ повеќе напади врз физички лица
Загриженоста на Бремер по атентатот врз Трамп е оправдана. Според студија на Ројтерс објавена во август 2023 година, САД во моментов имаат најголем континуиран пораст на политичко насилство од 1970-тите години до сега. За разлика од тогаш, најголемиот дел од нападите не е насочен спрема имот, туку спрема луѓе, потенцира студијата. Според Ројтерс, по инцидентот во Капитол, на 6 јануари 2021 година, регистрирани се 213 случаи на политичко насилство. Две третини од нив се физичко насилство и конфронтации, од кои 18 со смртни последици. Атентатот врз Трамп се случи два дена пред почетокот на конвенцијата на Републиканците, на која Трамп официјално треба да биде избран за претседателски кандидат на партијата. „Републиканската национална конвенција 2024″ се одржува од 15 до 18 јули во Милвоки, во сојузната држава Висконсин.
Загрозени претседатели
„Нападот врз Трамп е последица на значителната поддршка на политичкото насилство во нашата земја”, објаснува политикологот Роберт Пејп од универзитетот во Чикаго во интервју за британскиот весник „Гардијан“. „Мора да бидеме загрижени и поради закани кон претседателот Бајден како одмазда”, смета Пејп.
Според една студија на универзитетот во рамки на проектот „Безбедност и закани”, причините за порастот на насилството се недовербата во политичките функционери и верувањето во теории на заговор.
Истражувањето исто така покажало дека во меѓувреме повеќе поддршка има за насилство против Трамп, односно десет проценти од возрасните во САД, околу 26 милиони лица, оправдуваат такво нешто. Околу 18 милиони луѓе, односно 6,9 проценти, се подготвени да употребат насилство во корист на Трамп.
„Политичкото насилство е неамериканско“
Додека политичарите во САД и ширум светот го осудија обидот за атентат врз Трамп, валканите битки на социјалните мрежи продолжуваат. Постојано се објавуваат обвинувања и се посочува со прст. „Инцидентот не е поединечен случај”, постираше републиканскиот сенатор од Охајо, Ј.Д. Венс и додаде дека „централната премиса на кампањата на Бајден се состои во тоа дека Трамп е авторитарен фашист, кој по секоја цена мора да биде сопрен“.
Демократката Габриел Ди Гифордс се обиде со лична објава да го пресече бранот на насилство. „Политичкото насилство е неамериканско и никогаш не смее да биде прифатено, навистина никогаш”, напиша таа на Х. „Поранешниот претседател Трамп ми е во срцето, исто како и сите останати погодени од овој чин на политичко насилство, кои не можеа да се одбранат”, додава Гифордс.
Гифордс е и самата беше жртва на политичко насилство. Оваа конзервативна демократка и поранешна членка на Конгресот беше тешко ранета во атентат во јануари 2011 година. Куршум ја погоди во главата, поради што подоцна се повлече од политичкиот живот.
Повеќе насилство од 2016 година наваму
Нападот врз Гифордс во 2011 година се смета за предзнак на растечкото политичко насилство во САД. Од 2016 година, периодот кога Трамп за првпат се кандидираше, забележани се значително поголем број политички мотивирани инциденти, посочува Гери Лафри, криминолог на универзитетот во Мериленд. Тој има составено база на податоци за тероризам, во која се регистрирани случаите на политичко насилство во периодот од 1970 до 2020 година. Тука е вклучен и случајот со планирано киднапирање на демократската гувернерка Гретхен Витмер од Мичиген, кое беше разоткриено во октомври 2020 година од страна на ФБИ. Вклучен е и нападот врз сопругот на Ненси Пелоси само неколку дена пред американските избори во октомври 2022 година.
За разлика од истражувањата на универзитетот во Чикаго, криминологот Лафри во своите истражувања покажува дека „десничарските и исламистичките екстремисти имаат поголема тенденција да вршат политички мотивирано насилство отколку левичарските екстремисти, не само во САД, туку и глобално.”
Сеќавања на минатото
Обидот за убиство на Трамп, според известувањата во медиумите, е „најдраматичниот чин на насилство“ по атентатот врз Роналд Реган во 1981 година. Тој потсетува и на убиството на Џон Ф. Кенеди во 1963 година и неговиот брат Роберт, кој беше застрелан за време на предизборната кампања во 1968 година. Политичкиот аналитичар Бремер е „крајно загрижен дека нападот врз Трамп е почеток на избивање политичко насилство и социјални немири“. Тој во објавата на Х пишува дека „на земјата всушност би ѝ било потребна јасна осуда на политичкото насилство, но стравувам дека тоа нема да се случи“.