Аксиос: Се очекува Бајден викендот да се повлече од трката за реизбор

Се очекува за време на викендот претседателот на САД, Џо Бајден да се повлече од трката за реизбор, објави денеска американскиот портал Аксиос повикувајќи се на неколку неименувани високорангирани демократи.

Тие тврдат дека Бајден приватно се помирил со сè поголемиот притисок, лошите резултатите на анкети и прашањата за неговата возраст и способност, што го оневозможува да ја продолжи кампањата.

– Највисоките лидери на неговата партија, неговите пријатели и клучните донатори веруваат дека тој не може да победи, не може да ја промени перцепцијата на јавноста за неговата возраст и остроумност и не може да постигне мнозинство во Конгресот … На претседателот му беше кажано дека, доколку не се повлече, поранешниот претседател (Доналд) Трамп може убедливо да победи и да го избрише наследството на Бајден во ноември, како и надежите на демократите, истакнаа неименуваните демократи.

Според еден извор, Бајден може да избере помеѓу тоа да биде „еден од хероите на историјата“ или фактот дека „никогаш нема да има претседателска библиотека на Бајден“. Тој додаде дека се надева оти Бајден „ќе ја направи вистинската работа“ и оти „се придвижил во таа насока“.

Најновата анкета на „Асошиејтет прес“ (АП) објавена вчера покажа дека две третини од демократските гласачи сакаат Бајден да се повлече и да биде заменет со друг кандидат.

Бајден претходно, по дебатата со Трамп на Си-ен-ен, и пред неуспешниот атентат врз Трамп, изјави дека а „само семоќниот Бог“ може да го натера да се откаже од изборната трка, додека минатата недела наведе дека ќе се повлече доколку му дадат доказ оти не може да победи на изборите закажани на 5 ноември.

Најмалку 20 демократски конгресмени јавно го повикаа Бајден да ја прекине кампањата по неговиот незадоволителен настап во дебатата со поранешниот претседател Трамп.

Back to top button
Close