УХМР: Големо невреме во Кавадарци – се движи кон Неготино


Нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер попладнево зафати повеќе делови од земјава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според последните информации оттаму, големо невреме со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град го погодило Кавадарци, а нестабилната воздушна маса се движи кон Неготино.

Засега нема информации за предизвикани штети.

Нестабилно време од Управата јавуваат дека има и во Кочани, Кичево, Свети Николе, западно од Демир Хисар и Македонски Брод.

Вечерва дожд и грмежи зафатија и делови од скопската котлина, но засега не се со голем интензитет.

Претходно, од УХМР информираа дека нестабилно било и западно од Крушево и во Битола, а пороен дожд, грмежи и засилен ветер ја зафатиле и околината на Струмица и подрачјата јужно од Берово.

Од Управата за хидрометеоролошки работи претходно најавија дека во попладневните часови денеска наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално процесите ќе бидат во форма на невреме со силен ветер и појава на град.

Според метеоролозите слична временска состојба нè очекува и утре. Претпладне ќе биде сончево и топло, со мала до умерена локална облачност, а во попладневните часови во делови од земјата повторно се очекува да има појава на нестабилност. Сепак, нестабилното време нема да донесе и пад на темепратурата, која утре се очекува да достигне до 35 Целзиусови степени.

Back to top button
Close