Гаши одговори “Пријатно”, Меџити не го познавал загинатиот борец на Исис, наводно зет на Гаши
Деновиве порталот Инфомакс објави информација дека извесен Садула Алили, наводно зет на спикерот Африм Гаши, бил радикализиран од идеологијата на Исламската Држава (ИСИС), каде во една од борбите со државните сили го загубил својот живот.
Порталот пренесе и дека Алили, претходно бил вработен во Министерството за одбрана, а откако бил избркан од тоа работно место во време на тогашниот градоначалник Изет Меџити бил вработен во општина Чаир. Оттаму, по краткиот работен ангажман нелегално заминува во Сирија и се приклучува на терористичката организација ИСИС. Кратко по заминувањето, го губи својот живот во судир со државните безбедносни сили.
Во краток разговор поранешниот градоначалник на Чаир, Меџити, за Либертас демантираше дека Садула Алили бил вработен во општината додека Меџити бил градоначалник и потенцираше дека не познава лице со тоа име.
Од Министерството за одбрана на нашето прашање дали Алили бил некогаш вработен во тоа министерство и дали евентуално бил откриен како поврзан со радикализирани структури нè информираа дека такво лицe не било вработено во МО.
– За лицето кое го именувате, Садула Алили, не се пронајдени податоци за негов работен однос во Министерството за одбрана – одговорија од МО.
Во обид да ја провериме инфомацијата за наводната семејна поврзаност со спикерот Гаши во текот на вчерашниот ден испративме прашања до неговиот службен меил и до Собранието но до моментот на оваа објава не добивме одговор.
Се јавивме и на телефонскиот број на Спикерот но од таму лицето кое ни се јави ни одговори “пријатно”.
Се обративме до Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам при Владата и до Министерството за надворешни работи од каде до објавувањето на овој текст не стигна одговор.