Синдикатот на Клинички: Таравари им ги скрати надежите на здравствените работници
Претседателот на Синдикатот на Клиничкиот центар, д-р Предраг Серафимовски, во изјава за ТВ Сител вели дека не преостанува за што да разговараат ако државата не може да најде 5,5 милиони за последните три месеци од година, за исплата на веќе договореното покачување на платите со претходната власт
Сестра со средно образование на клиника зема 28 000 денари месечна плата, додава Серафимовски, што е далеку од просечната плата во земјата
Здравствените работници веројатно нема да го добијат покачувањето кое го договорија со претходната власт, откако новата со ребалансот ги скрати парите за такви нешто. Оваа, непријатна вест за докторите и сестрите, ја соопшти денеска министерот Арбен Таравари кога кажа дека годинава тешко дека ќе има зголемување на платите како и потпишување на нов колективен договор, како што бараат синдикатите.
Во изјава за ТВ Сител, претседателот на Синдикатот на Клиничкиот центар вели, разочарани сме:
„Отприлика за овие три месеци (септември, октомври, ноември) оптеретувањето на буџетот е околу 5 520 000 евра за 20 000 вработени во јавното здравство. Ако не можат да најдат 5 520 000 евра за овие три месеци, не знам за што повеќе да разговараме“,изјави за ТВ Сител д-р Предраг Серафимовски, претседател на Синдикатот на Клинички.
Од Синдикатот, кој делува заедно со гранковиот синдикат за здравство при ССМ, порачуваат и дека било убаво да се градат нови болници, но прво мора да има мотивиран медицински и останат кадар за да може болниците да функционират. Без покачувањето, многу работници во здравството ќе останат над минималната, но под просечната плата во земјата. Медицинска сестра со завршено средно образование, на пример, според д-р Серафимовски зема 28 000 денари.
„Бараме линеарно за сите, најмлаку околку 5 % ќе добијат докторите, а 18 % медицинските сестри со средно, зошто последните три години постојано реагиравме на популистичкото зголемување на минималната плата, а не се усогласуваа коефициентите на останатите вработени, ивели д-р Серафимовски за ТВ Сител.
Синдикатот ќе ја разгледа состојбата и најдоцна до среда ќе одлучат како понатаму, на седница на Советот на синдикатот на Клинички.
Реакцијата на Синдикатот доаѓа откако денеска министерот за здравство изјави дека вработувања во здравството секако ќе има, но дека ќе биде тешко да се спроведе покачување на платите и потпишување на нов колективен договор.
Со ребалансот на Буџетот се скратени околу 8 милиони евра од сметката на Министерството за здравство и покрај тоа што државниот Буџет порасна. Најголемите кратења беа во делот на доизградба на неколку нови болници, како и обнова на други јавно-здравствени установи.