Кои се ставовите на Камала Харис за абортус, НАТО, Израел
По повлекувањето на американскиот претседател Бајден, потпретседателката Камала Харис се чини дека е новиот демократски претседателски кандидат. Може ли таа да го победи Доналд Трамп? За која политика се залага Харис?
Претседателската кампања на Камала Харис е во полн ек. Прв ја поддржа американскиот претседател Џо Бајден. Набргу откако на социјалните мрежи го објави своето повлекување од претседателската трка во САД, Бајден повика Харис да биде поддржана како демократски претседателски кандидат.
Овој пример го следеа поранешниот американски претседател Бил Клинтон и поранешната државна секретарка на САД, Хилари Клинтон, Ненси Пелоси, поранешна претседателка на Претставничкиот дом и Големата дама на Демократската партија, како и бројни демократски членови на Конгресот и гувернери.
А за кампањата на Харис оттогаш стигнуваат донации: во првите 24 часа од повлекувањето на Бајден, нејзината кандидатура доби 81 милион долари во донации – рекорд за толку кратко време. Друг важен фактор: парите дојдоа од повеќе од 888.000 индивидуални донатори од базата. А две третини од нив првпат донираа во оваа изборна кампања. Така, тие не донираа за кампањата на Бајден, туку експлицитно за Камала Харис.
Како потпретседателка, Харис исто така има пристап до сите пари што досега се собрани за Бајден. Фондот на кампањата на актуелниот претседател изнесуваше речиси 96 милиони долари – и беше префрлен на Харис минатата недела.
Самата Харис во изјавата рече дека ќе стори сѐ што е во нејзина моќ „да ја обедини Демократската партија – и нацијата – за да го победи Доналд Трамп.
Демократите мора прво да ја номинираат Харис
Обединувањето на Демократската партија е важен прв чекор, бидејќи Харис сè уште не е официјален кандидат. За да го направи тоа, таа мора да го освои мнозинството од гласовите на делегатите на конвенцијата на Демократите, што ќе се одржи во градот Чикаго од 19 до 22 август.
„Во моментов таа мора да води двојна кампања“, вели Сторми-Аника Милднер, управен директор на Институтот Аспен Германија, трансатлантски тинк-тенк со седиште во Берлин. Харис мора „да ги обедини Демократите за да застанат зад неа и, во поглед на ноемвриските избори, исто така да го повика (американскиот) народ и да го придобие во нејзината кампања“.
Харис е единствената кандидатка на која ѝ е дозволено да ги искористи милионите долари во донации кои веќе беа собрани од кампањата на Бајден, бидејќи таа беше дел од тимот за кој беа примени донациите. Покрај тоа, како потпретседателка, таа е попозната во САД од можните други кандидати.
Што зборува против Камала Харис како кандидат за претседател на САД?
„Нејзина голема слабост е што нејзината оценка за популарност не е многу подобра од онаа на Бајден“, вели Милднер за ДВ. Друга слабост: на Харис ѝ беше доверено да ја спречи масовната нерегуларна имиграција од Централна и Латинска Америка – нејзините противници постојано ја критикуваат дека не е на висина на задачата.
„Тука може да се каже дека таа не успеа. Мислам дека тоа е малку неправедно, бидејќи ситуацијата на границата е толку тешка“, вели Милднер. „Но, тоа ќе се користи како силен аргумент против неа во кампањата на Трамп”.,
Дали Камала Харис навистина може да го победи Доналд Трамп?
Досега, кампањата на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп беше фокусирана на и против Бајден. Сега неговиот предизборен тим треба да се подготви за новиот кандидат. Но, какви се шансите на Харис да победи на изборите на 5-ти ноември ако таа всушност биде номинирана од Демократите за противкандидат на Трамп?
„Како што гледаме во некои рани анкети кои директно ја споредуваат со Доналд Трамп, таа е барем на исто ниво со него или го победува за два до три процентни поени“, вели за ДВ Кетрин Клавер Ешбрук, трансатлантски експерт во германската фондација Бертелсман. „Сè уште нема многу докази, но барем се чини дека анкетите се стабилни – покажувајќи дека таа може да остане во чекор со Доналд Трамп. И таа има огромен потенцијал за да постигне уште повеќе во следните 107 дена“.
Демократите се надеваат дека новиот кандидат ќе ѝ даде нов поттик на изборната кампања. Поддржувачите на Харис веруваат дека таа може да ги инспирира луѓето кои можеби нема да гласаат за кандидатот Бајден, рече Милднер: млади луѓе, жени и луѓе со друга боја на кожата.
Еден фактор особено може да ѝ помогне на Харис кај гласачките: откако мнозинскиот конзервативен Врховен суд го укина уставното право на абортус, Харис постојано се изјаснуваше против пресудата. Таа „беше водечки глас во одбраната на правото на жените да донесуваат сопствени одлуки“, вели Клавер Ешбрук. „Таа зборуваше многу гласно и успешно за ова прашање за време на изборната кампања.”
Каков е ставот на Харис за НАТО, Украина и Израел?
Харис нема големо искуство во областа на надворешната политика, оценува Клувер Ешбрук. Сепак, на Конференцијата за безбедност во Минхен претходно оваа година, како и на состанокот во 2023 година, потпретседателката многу јасно стави до знаење дека високо го цени членството на САД во НАТО, што Трамп не го цени.
А Харис не сака само да продолжи да соработува со европските сојузници. Јасна ѝ е и вредноста на американските сојузи во Индо-пацифичкиот регион, вели Клавер Ешбрук. „И секако фактот дека таа има индиски корени ќе биде добредојден во некои делови од Индо-пацифичкиот сојуз.”
Во однос на тековната војна во Украина, Харис, како и Бајден, смета дека Киев мора да биде поддржан. Се разбира, како претседателка, таа ќе мора да соработува со Конгресот за да донесе пакети за финансиска и воена помош. Но, таа веројатно би ја поддржала оваа помош исто како што направи Бајден бидејќи „таа ја гледа Русија како голема закана“, вели Сторми-Аника Милднер од Институтот Аспен.
Но, како би се поставиле САД за војната во Газа со евентуалната претседателка Камала Харис? Ова прашање е особено интересно, бидејќи силната поддршка на Бајден за Израел наиде на критики, особено меѓу младите луѓе и арапските граѓани во САД.
„Мислам дека таа беше малку повеќе сочувствителна кон Палестинците и малку покритична кон хуманитарната катастрофа во палестинските области”, вели Милднер. „Значи, би можела да си замислам дека тонот малку би се менил. Но, поддршката за Израел – тоа нема да се промени.”