Хаос низ Британија поради убиството на трите девојчиња и лажните вести
Немирите во Велика Британија поради убиството на три девојчиња во Саутпорт на почетокот на минатата недела се разгореа низ целата земја викендов.
Повеќе од 150 луѓе беа уапсени додека полицијата се обиде да го спречи насилството во Ливерпул, Хал, Бристол, Манчестер, Белфаст, Ротерам, Мидлсброу, Болтон и други градови.
Екстремно десничарските демонстранти фрлаа димни бомби, камења и шишиња кон полицијата, запалија продавници во Блекпул
Премиерот Кир Стармер ја вети својата „целосна поддршка“ за полицијата во борбата против „екстремистите“ кои се обидуваат да „сеат омраза“.
Тој за денеска закажа итен состанок на „Кобра“, специјален комитет за одговор на вонредни ситуации на британската влада, кој ги собира министрите, државните службеници, полицијата и разузнавачките служби.
Тензиите се зголемуваат во Британија цела недела по убиството на три девојчиња во студио за танц именувано по американската поп ѕвезда „Тејлор Свифт“ во градот Саутпорт минатиот понеделник, на 29 јули.
Во телевизиско обраќање, Стармер им рече на бунтовниците дека ќе „зажалат“ што ќе учествуваат во насилните протести.
„Луѓето во оваа земја имаат право да бидат безбедни, а видовме муслимански заедници како мета и џамии. Нацистички поздрави на улица, напади врз полицијата, бесмислено насилство со расистичка реторика… Нема да се двоумам да го наречам со вистинското име: екстремно десничарски силеџии“, рече британскиот премиер.
Во Ливерпул, околу илјада демонстранти фрлаа шишиња и факели кон полицијата, при што беа повредени двајца, додека неколку стотици антифашистички активисти се собраа во близина, извикувајќи: „Нацистички ѓубриња, тргнете се од нашите улици“.
Ништо подобро не поминаа во Ротерам, каде што најмалку 10 полицајци беа повредени кога демонстрантите фрлаа со даски кон нив и ги испрскаа со противпожарни апарати, соопшти полицијата во Јужен Јоркшир.