Османи: Никаде во светот од шеф на држава не се бара да го даде телефонот за скенирање

Претседателството на Косово ги отфрли наводите на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) на Македонија, во врска со инцидентот од 1 август со претседателката Вјоса Османи со обезбедувањето на скопскиот аеродром, оценувајќи дека „РСМ ги прекрши меѓународните правила кои се применуваат насекаде во светот со барањето да го скенира телефонот на претседател на друга држава“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во реакцијата на кабинетот на Османи, по соопштението на АЦВ, во кое се вели дека аеродромските служби одговорни за безбедносните проверки постапиле според меѓународните прописи, се наведува дека „во ниту една земја во светот од шефот на државата не се бара да го предаде телефонот за скенирање“.

 

„Во други земји не се проверува ниту личниот багаж ниту личната чанта на шефот на државата, а камоли личниот телефон. Како Претседателство имаме доволно искуство од други патувања, нема потреба тоа да го докажуваме, бидејќи никаде, никогаш, ниту личната чанта, ниту куферот (личниот багаж) ниту телефонот на шефот на државата не биле подложни на контрола“, соопшти кабинетот на Османи.

Кабинетот на Османи нагласува дека, спротивно од наводите на македонската АЦВ, „нема ништо професионално во однесувањето на обезбедувањето“ на скопскиот аеродром. Косовското Претседателство исто така информира дека Османи по инцидентот не се вратила од патувањето преку скопскиот аеродром, бидејќи е оценето дека „по невидената пропаганда (во македонската јавност) нема основни безбедносни услови за такво нешто“.

 

 

Back to top button
Close