Мицкоски за новата инвестиција: Му благодарам на Битиќи што го водел процесот дотука,  жалам што не успеал да го заврши до крај

Поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи вчера кажа дека тој е оној што ја донел оваа инвестиција и, еве, јас во мое име да му се заблагодарам зашто го водел процесот дотука до каде што го водел, но жалам што не успеал да го заврши до крај.

Ваква изјава денеска даде премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на почетокот на градбата на новата инвестиција на германската компанија „БМЗ груп“ за производство на литиум-јонски батерии. Неговата реакција следува откако од СДСМ вчера кажаа оти инвестицијата била договорена уште во септември минатата година од тогашниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.

 

„Претпоставувам дека (Фатмир Битиќи н.з.) не успеал да ги убеди граѓаните како го ги убедувал своите сопартијци на 8 мај, па доживеа дебакл каков што доживеа па оваа влада мораше сега заедно со инвеститорот да го заврши овој процес. Очекувам уште многу вакви инвестиции во периодот што следи. Во тек се преговори за проширување на две веќе постоечки инвестиции од странските инвеститори, но и една нова што ја преговараме и сме во завршна фаза со уште една многу голема и моќна држава членка на ЕУ. Се надевам и сум сигурен дека и таа ќе се заврши до крајот на годината со што сериозно ќе биде исцрпен човечкиот потенцијал за ваков тип на инвестиции кај нас со што ќе додадеме вредност во процесот на зголемување на БДП“,изјави Мицкоски на денешниот почеток на градбата на новата инвестиција.

Инвестицијата на германската „БМЗ груп“ за производство на литум-јонски батерии е во вредност од 65 милиони евра во максимален обем од, како што рече Мицкоски, над 700 вработени во пикот на инвестицијата.

„Од разговорот можам да кажам дека во првите години ќе имаме до кај 35-40 милиони евра максимум 60 милиони извоз, а понатаму тој извоз може да достигне до 130, па и повеќе милиони евра – нешто што позитивно ќе влијае за нашата македонска економија“додаде премиерот.

На денешен ден пред точно една година, тогашната Влада објави дека е договорена инвестиција вредна 65 милиони евра со германската компанија „БМЗ Груп“ за производство на батерии, а оти со неа ќе се отворат 755 нови работни места. Договорот со компанијата го потпишаа тогашниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи и ексдиректорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, во Франкфурт во септември минатата година.

Back to top button
Close