Македонците во Албанија бараат од Тирана да ја забрани фондацијата „Бугарска меморија“

Единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) упати остра реакција до албанската влада, која како што велат, дозволува фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија непречено да ја шири својата пропаганда во регионите во Албанија каде што живеат Македонците.

Според партијата, последниот пример за ова е „донацијата, во која беше и модуларната амбуланта за селото Глобочени, Општина Пустец“.

-Ние не сме против донации кои го подобруваат животот на македонската заедница, но, гневни сме затоа што оваа фондација ги користи овие активности за да ги манипулира историските факти и да ги претстави Македонците како Бугари, изјавил за МИА, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.

Албанската влада, додава тој, има обврска да инвестира во регионите каде што живеат Македонците во Албанија и да ги „заштити нашите права и идентитет од бугарската агресија”.

Реакцијата следува откако во неделата првите луѓе на споменатата фондација, во присуство на бугарскиот амбасадор во Тирана, Ивајло Киров, за општина Пустец донираа комплетно опремена модуларна амбуланта, клупи за седење за селата, копир и принтер апарати за општинската администрација.

Во јули годинава, фондацијата „Бугарска меморија“ на Милен Врабевски од Бугарија, преку адвокатска канцеларија од Тирана, поднесе тужба во Основиот суд во Корча против МАЕИ и нејзиниот претседател Стерјовски.

Фондацијата бара од судот во Корча „да ја натера МАЕИ да и ја надомести нематеријалната штета, во износ од 10 илјади евра, предизвикана како резултат на ширење клеветнички и навредливи изјави кои го нарушуваат угледот”.

Back to top button
Close