ОН бараат Израел да го прекине „незаконското“ присуство на Западниот Брег и Источен Ерусалим во рок од 12 месеци

Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која се бара Израел „без одложување да го прекине своето незаконско присуство“ на, како што ја нарекува, „окупирана палестинска територија“ во рок од 12 месеци, вклучувајќи ги сите војници и цивили.

Резолуцијата бара Израел да се придржува до пресудата на Меѓународниот суд на правдата во јули за присуството на Израел на Западниот Брег и Источен Ерусалим и повикува на ембарго за оружје за Израел, јави „Тајмс оф Израел“.

Мерката беше спонзорирана од државата Палестина и 29 други земји, главно муслимански нации. ОАЕ е единствената арапска земја што одби да биде меѓу спонзорите.

Околу 124 земји ја поддржуваат мерката, 14 се против, а 43 се воздржани. Израел, САД, Чешка и Аргентина се најголемите земји кои беа против, заедно со островските нации во Тихиот Океан. Против мерката се и Парагвај и Малави.

Многу европски нации беа воздржани – вклучувајќи ги Украина, Велика Британија, Германија и Италија, како и Канада и Австралија.

Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека одлуката „го охрабрува тероризмот и им штети на шансите за мир“.

Израел обвинува дека одлуката го игнорира 7 октомври и го зајакнува Хамас, испраќајќи порака дека „тероризмот се исплати“. Тоа го прави помалку веројатен договорот за заложници, нагласи израелското МНР.

– Израел соодветно ќе одговори, истакна Министерството но не се наведува точно како ќе возврати на палестинската управа.

Резолуцијата на Генералното собрание, како и пресудата на МСП која е советодавно мислење, не е обврзувачка, но има политичка тежина.

Back to top button
Close