Србија и САД потпишаа Договор за стратешка соработка во областа на енергетиката

Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ и потсекретарот на САД за економски раст, енергија и животна средина, Хозе Фернандез, денеска во Вашингтон го потпишаа Договорот за стратешка соработка во енергетскиот сектор меѓу Република Србија и САД, јави дописникот на МИА од Белград.

-Со склучувањето на Договорот за стратешка соработка во областа на енергетиката, Србија направи важен и одговорен чекор кон подобрување на партнерството со САД и значаен чекор кон обезбедување на долгорочна енергетска безбедност. Нашата земја во следните две децении четири пати ќе ја зголеми потрошувачката на електрична енергија, и ни треба партнерство со индустриите, со компаниите, со земјите кои успешно го зголемија својот производствен капацитет во претходните децении, рече министерот Ѓуриќ по потпишувањето на договорот, соопштија од српското МНР.

Шефот на српската дипломатија објасни дека овој документ ќе ја олесни зелената транзиција во Србија, подобар пристап до чиста енергија, што е во согласност со европските аспирации на нашата земја.

-Истовремено, Договорот за стратешка соработка во областа на енергетиката испраќа силна порака за посветеноста на Србија за подобрување на севкупните односи со САД, а самиот збор стратешки говори за тоа дека со овој чекор сме чекор поблиску до стратешко партнерство и стратешки, добри, квалитетни, долгорочни односи со САД. Верувам дека ова е одговорно и државотворно однесување и дека од овој договор ќе имаат корист и српските и американските енергетски компании, но пред се граѓаните на Србија, што ќе резултира со посигурно, побезбедно и долгорочно стабилно снабдување во услови во кои нашата индустрија и нашата економија се развиваат од ден на ден, рече Ѓуриќ.

Шефот на српската дипломатија изрази надеж дека ова е прв од серијата стратешки договори меѓу Србија и САД кои ќе го подобрат севкупниот карактер на односите меѓу двете земји.

Американскиот потсекретар за економски раст, енергија и животна средина Хозе Фернандез оцени дека потпишувањето на овој договор ќе ја подигне српско-американската соработка на повисоко ниво.

-Нашата способност да работиме на чиста енергија, како и можноста американските компании да инвестираат во технологиите за чиста енергија во Србија се нешто што ние многу го цениме, рече Фернандез, наведоа во соопштението на МНР на Србија, во кое се додава дека „САД се задоволни што соработката со Србија на полето на чиста енергија ќе продолжи“.

-Климатските промени се предизвик на нашето време, но се и можност. Тоа е можност да се инвестира во енергиите на иднината, а првиот чекор е направен денеска, изјави потсекретарот Фернандез.

Back to top button
Close