Трамп и Харис во изедначена трка пред изборите на 5 ноември

Американската потпретседателка и демократски кандидат, Камала Харис, и поранешниот претседател и републикански кандидат, Доналд Трамп, остануваат изедначени на седум недели пред претседателските избори на 5 ноември, покажуваат најновите анкети објавени денеска.

Во националната анкета, Харис и Трамп се изедначени со 47 отсто поддршка од американските гласачи. Анкетата е спроведена на 2.437 испитаници од 11 до 16 септември за потребите на „Њујорк Тајмс“, „Филаделфија Инквајер“ и колеџот Сиена, а во неа маргината на грешка е три процентни поени.

Во Пенсилванија, една од седумте клучни сојузни држави, Харис го задржа водството од четири процентни поени и води со 50 до 46 отсто, со маргина на грешка од 3,8 процентни поени, покажа анкетата на „Њујорк Тајмс“.

Анкета за „Вашингтон пост“,пак, укажува на тесна трка во оваа држава, која заедно со Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина и Висконсин може да го одреди исходот од изборите. Испитаниците во Пенсилванија, 1.003 од нив, во 48 отсто случаи се изјасниле за Харис, додека 47 отсто биле за Трамп, а маргина на грешка е 3,6 поени.

Повеќето испитаници изјавија на „ Вашингтон Пост“ дека се „исклучително мотивирани“ да гласаат и дека зачувувањето на американската демократија е „исклучително важно“ за нив. Но, тие се поделени во однос на кандидатот кој најдобро би ги заштитил националните слободи, па 48 отсто од нив гласале за Харис, а 45 отсто за Трамп.

Анкетата на „Њујорк Тајмс“, „Филаделфија Инквајер“ и колеџот Сиена, исто така, покажа дека американската демократија е важно прашање за гласачите, заедно со економијата, абортусот и имиграцијата. Поддршката за двајцата кандидати за овие прашања е приближно изедначена.

Анкетата на Ипсос за Ројтерс од минатата недела покажа дека Харис води со пет процентни поени, односно неа ја поддржуваат 47 отсто од испитаниците, а Трамп 42 отсто.

Back to top button
Close