Протести во неколку градови во САД против американската воена поддршка за Израел

Во неколку американски градови се одржаа протести против американската воена поддршка за Израел, а мировните активисти побараа ембарго за извоз на оружје во Израел, јавија денеска американските медиуми.

Британските медиуми пренесуваат дека десетици демонстранти синоќа се собраа на плоштадот Хералд во Њујорк носејќи транспаренти на кои пишуваше „Рацете надвор од Либан сега“ и „Нема да имаме американско-израелска војна во Либан“.

Демонстрантите извикуваа „Рацете подалеку од Блискиот Исток“, „Слободна Палестина“ и „Бајден, Харис, Трамп и Биби – никој не е добредојден во нашиот град“.

Помал протест со слични слогани и транспаренти синоќа се одржа по дождливо време во близина на Белата куќа во Вашингтон.

„Израелските напади во Либан и тековната опсада и геноцид во Газа се овозможени со огромното количество бомби, ракети и борбени авиони обезбедени од американската влада“, наведе коалицијата ANSWER, која се залага за запирање на војната, и истакна дека протестите беа организирани и во други американски градови – Сан Франциско, Сиетл, Сан Антонио и Феникс.

Израел тврди дека неговите акции се чин на самоодбрана против милитантните групи, како штос е Хамас и Хезболах, а САД ја задржуваат својата поддршка за својот сојузник за време на конфликтот на Блискиот Исток и покрај домашните и меѓународните критики, пренесуваат британските медиуми.

Back to top button
Close