Пелистерка како најголем акционер била против продажбата на Стопанска банка Битола на Комерцијална

Комерцијална банка нема да ја купи Стопанска банка Битола која ќе продолжи да работи самостојно, откако понудата за преземање не беше прифатена од доволен број акционери на битолската банка.

Како што соопштија од Комерцијална банка преку Македонската берза, понудата за преземање била прифатена од 149 (сто четириесет и девет) сопственици на обични акции со право на глас, кои поседуваат вкупно 176.154 обични акции, односно 45,0548 отсто од сите акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.

„Понудата за преземање се однесуваше на сите 390.977 обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола“, посочија од Комерцијална банка.

Во Понудата за преземање, прагот на успешност, односно најмалата количина обични акции која требаше да биде прифатена за да се смета за успешна понудата за преземање беше определена на 261.956 обични акции со право на глас, што претставува 67 % плус 1 акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.

Најголем акционер во Стопанска банка Битола е Друштвото за производство и трговија Пелистерка ад Скопје кое поседува 16,99 од акциите на банката. Токму оваа компанија и уште двајца акционери со пакет акции од 7-8% биле против продажба на банката за цена од 3.200 за акција.
„Со оглед на тоа што прагот на успешност не е постигнат, понудата за преземање на Стопанска банка АД Битола од страна на Комерцијална банка АД Скопје се смета за неуспешна. Причина за неуспешност е тоа што не се изјаснија позитивно по однос на понудата на Банката доволен број акционери кои поседуваат обични акции со право на глас, односно во законски утврдениот рок до 22.09.2024 година не дадоа Изјава за прифаќање на понуда за откуп по цена од 3.200 денари по акција. Комерцијална банка АД Скопје на акционерите на Стопанска банка АД Битола им посакува успех во понатамошното работење“, се вели во ценовно чувствителната информација доставена до Берзата.

Во Проспектот за преземање на банката објавени се сите акционери кои ги поседуваат горенаведените акции, вклучувајќи ги и оние под 5% за кои Стопанска банка АД Битола нема обврска да поднесува извештаи до Македонска берза.

Меѓу десетте најголеми акционери се правните лица Пелистерка АД Скопје со 16,99% односно 66.437 акции, ДПТУУ Тимох ДОО Скопје со 4,86%, Орка Холдинг на бизнисменот Орце Камчев со 4,68% или нешто над 18.000 акции, следува НЕТ-ЕЛЕКТРОНИКС Владимир ДООЕЛ Скопје со удел на акции од 4,15%, акционерското друштво Скопски Пазар со 4,10%, ДГТУ „Бест Веј Инвестмент“ која е компанија на синот на Сашо Мијалков, Јордан и која поседува 14.349 акции или удел од 3,67%, како и неколку физички лица.

Комерцијална банка на 26 август официјално ја објави понудата и проспектот за преземање на Стопанска банка Битола при што беше понудена цена од 3.200 денари за една акција или околу 20,34 милиони евра за сите акции.

Согласно законските прописи, Комерцијална банка сега нема право во рок од една година да достави нова понуда за преземање на Стопанска банка Битола, но ако се земе предвид претходното соопштение од Комерцијална, оваа понуда беше прва и последна за преземање.

„Комерцијална банка само уште еднаш истакнува дека оваа нејзина понуда ќе биде прва, последна и единствена понуда за откуп на 100% од акциите на Стопанска банка Битола“, објави Комерцијална.

Back to top button
Close