ТВ станиците од пулот во Белата куќа го бојкотираат Трамп поради забраната на трите медиуми


Пет големи американски телевизиски станици, кои се дел од телевизискиот пул во Белата куќа, денеска го прекинаа покривањето на дневните обврски на претседателот Доналд Трамп поради одлуката на неговата влада да им забрани пристап до Белата куќа на три медиумски куќи.

Си-ен-ен претходно планираше да го покрива учеството на Трамп на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, но Белата куќа го забрани тоа, како и Политико и Ем-ес-ен-би-ес.

Покрај трите медиуми денеска застанаа и „пул“ телевизиските станици или оние што ги следат настаните во Белата куќа и го споделуваат материјалот со други медиуми.

„Јавноста има клучен интерес да добива точни, независни информации за својата влада. Ниту една влада не треба да ограничува медиумска организација затоа што е вознемирена од нејзиното известување“, се наведува во заедничката изјава на Еј-би-си Њуз (ABC News), Си-би-ес Њуз (CBS News), Си-ен-ен ( CNN), Ен-би-си Њуз (NBC News) и Фокс Њуз ( Fox News).

Трите забранети медиумски куќи претходно денеска објавија дека ќе го тужат Трамп поради неговата одлука. Доколку остане на сила, оваа забрана ќе „ја загрози слободата на медиумите и правото на јавноста на независно новинарство без мешање на владата“, објавија тие.

Владата беше информирана дека тужбата ќе биде поднесена денеска, а целта е „да се одбрани принципот дека владата не смее да одлучува како ќе известуваат медиумите или што да објавуваат“.

За време на своите политички кампањи, американскиот претседател често зборуваше за слободата на говорот и медиумите, а неговиот потпретседател, Џ.Д. Венс во својот говор на Минхенската безбедносна конференција, ја критикуваше Европа за наводно „потиснување на слободата на говорот“ и замолчување на политичката опозиција.

Трамп во петокот ја оправда забраната со наводно ширење лажни вести, пишува ДПА. Денеска пак, тој продолжи со своите критики, пишувајќи во објава на платформата Truth Social: „Белата куќа не започнува напад врз слободни медиуми, што е нешто што го ценам. Таа започнува напад врз ЛАЖНИ ВЕСТИ, нешто што порасна како рак во нашите сакани Соединети Американски Држави“.

„Таа е корумпирана, намерна, сеприсутна, целосно координирана и целосно надвор од контрола“, продолжи тој.

„Тоа е закана за нашата национална безбедност и мора да се запре, СЕГА!“.

Си-ен-ен е еден од најпознатите информативни канали во светот. Политико е дел од портфолиото на германската медиумска група Аксел Спрингер.

Во својот втор мандат, Трамп зазема сè потврд став кон медиумите што не ги сака. Тој често ги навредува новинарите кога не му се допаѓаат прашањата што ги поставуваат. Спротивно на тоа, поволното известување е експлицитно пофалено, наведува ДПА.

Back to top button
Close