Почина оперската првенка Ирена Кавкалевска

Почина оперската првенка Ирена Кавкалевска, мецосопран (1973-2024), објави НУ Национална опера и балет.

Кавкалевска дебитира на сцената на МОБ во 1996 година со улогата на Мадалена во „Риголето”. Настапувала на многу фестивали и оперски сцени, а незиниот репертоар зборува за успешни креации во „Кармен”, „Аида”, „Набуко”, „Моќта на судбината”, „Сестра Анџелика”, „Лули Цезар во Египет” „Севилскиот берберин”, „Лилјакот”, „Иван Сусаньин”, „Цар Самоил”. Кавкалевска е добитничка на многу награди, а се школуваше во Македонија, Бугарија, Австрија, Хрватска.

Уште во првата нејзина појава, Ирена Кавкалевска беше вистинско олицетворение на Кармен, бескрупулозната заводничка. Таа апсолутно пленеше со сценичноста, владееше со целото дејство, очигледно се чувствуваше удобно во улогата што а толкува. Комотна и самоуверена на сцената, мошне маркантно ja долови фаталната женска привлечност”, зборуваше музичката критика за креацијата на нашата уметница во познатата опера на Жорж Бизе.

– Нејзината појава беше особено ретка, како на сцената така и во приватниот живот. Зрачејќи со својата елеганција, нежност и благородност, остави голема трага во срцата на публиката и колегите. Истовремено, беше и силен борец во сите животни премрежја. Прераната смрт на почитуваната и драга Ирена Кавкалевска за Македонската опера и балет и воопшто, за севкупниот културен живот, претставува огромна загуба. Таа имаше и можеше да подари уште многу сценски и концертни креации…- напишаа колегите од НОБ за Кавкалевска.

Погребот ќе се одржи в петок, на градските гробишта во Бутел.

Back to top button
Close