Албанија на 15 октомври ќе ги започне преговорите со ЕУ по Кластерот 1
Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја, со отворање на преговорите по Кластерот 1 – „Основи вредности“, потврди за МИА унгарското претседателство со Советот на ЕУ.
– Можеме да потврдиме дека Корепер се согласи да продолжи со процесот на пристапување на Албанија во ЕУ, изјави за МИА портпаролката на унгарското претседателство за Корепер, Ана Атанасов.
Со ваквата одлука за одржување на Меѓувладина конференција ЕУ-Албанија на 15 октомври и старт на преговорите по Кластерот 1, Албанија практично ќе биде раздвоена од земјава на европскиот пат. Во Кластерот 1 – „Основи вредности“ се вклучени поглавјата Набавки, Статистика, Судство и Основни права, Правда, Слобода и Безбедност и Финансиска контрола.
ЕУ донесе одлука за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија во пакет во јули 2022, по што двете земји го спроведоа скрининг процесот.
Но, Албанија беше блокирана за преминување кон следната фаза од преговарачкиот процес, односно старт на преговорите по поглавјата, од страна на Грција, која ја обвини Тирана за непочитување на принципите на владеење на правото.
Ваквите обвинувања уследија по приведувањето во мај 2023 на кандидатот за градоначалник на албанскиот град Химара, Фреди Белери, припадник на грчката заедница во Албанија, под обвинение за поткуп на гласачи пред изборите. Белери, сепак победи на изборите за градоначалник, а во меѓу време беше избран и за европратеник од Грција на изборите во јуни годинава, по што беше ослободен од притвор за да може да го заземе своето место во Европскиот парламент.
Кога станува збор за земјава, согласно Преговарачката рамка усвоена во јули 2022 година, во следната фаза од преговарачкиот процес, односно преговорите по кластерите, таа треба да премине по усвојувањето на уставните измени со кои во Уставот заедно со другите делови од народи, би биле споменати и припадниците на бугарскиот народ.
Во заклучоците од последните Совети на ЕУ во делот за земјава се посочува дека „Европската унија е подготвена да ја заврши фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом таа согласност нејзините внатрешни процедури ја спроведе својата заложба да ги заврши уставни измени наведени во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза спроведувањето на овие измени“.
Новите македонски власти ја промовираа идејата за излез од ќор-сокакот во кој се најде земјава на европскиот пат со т.н. „француски предлог плус“, кој предвидува одложено дејство на уставните измени, односно нивно усвојување пред официјалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ по поглавја, но тие да стапат во сила на крајот од преговарачкиот процес.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински, кој минатата недела го придружуваше премиерот Христијан Мицкоски при работната посета на Брисел, за МИА изјави дека на средбите со претставниците на ЕУ се дискутирало и „за дел од овие прашања и дека дијалогот продолжува“.
Според дипломатски извори, претставниците на ЕУ предлогот за одложено дејство на уставните измени го оцениле како прагматичен.
Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во објава на Икс по средбата со Мицкоски минатиот четврток, наведе дека ја поздравува геостратешката ориентација и посветеност на земјава за членство во ЕУ и дека со сегашниот моментум во проширувањето на Европската Унија, таа има реална можност да напредува на патот кон ЕУ и да се приклучи на европското семејство. За тоа, според Мишел, клучно да се спроведат обврските од минатото, да се почитуваат правно обврзувачките договори и решително да се продолжи со реформите поврзани со ЕУ.