Орбан ѝ се закани на Европската Унија: Ќе ги донесеме мигрантите на главниот плоштад во Брисел


Унгарскиот премиер Виктор Орбан ѝ се закани на Европската Унија.

„Доколку Брисел опстои на одлуката да нѐ казни, ќе го добие она што го сака. Ќе ги донесеме мигрантите кои тропаат на вратата на Унгарија на главниот плоштад во Брисел“,

рече унгарскиот премиер, алудирајќи на претходната одлука на Европскиот суд на правдата да ја казни Будимпешта со 200 милиони евра поради кршење на европските правила за азил.
На крајот на август, унгарската влада излезе со идеја на секој мигрант кој ќе се обиде да влезе во земјата да му даде билет во еден правец за Брисел.

Пресудата од јуни ја принуди Будимпешта да усвои политика „без притвор“ за бегалците, што значи дека не може да ги држи барателите на азил во транзитни зони слични на затворите.

Градоначалникот на Брисел и другите белгиски официјални лица остро го осудија предлогот на Будимпешта, нарекувајќи го „провокација што се коси со европските обврски“.

Сепак, Орбан инсистира дека пресудата на Европскиот суд на правдата е неправедна, особено што западноевропските земји ги заоструваат сопствените гранични контроли.

„Ерата на слободното патување привршува“,

рече Орбан во своето обраќање пред парламентот, мислејќи на одлуката на Германија привремено да воведе контрола на нејзините граници и ставот на новиот француски премиер Мишел Барније за заострување на граничните контроли на Франција.
Орбан рече дека се што треба да направат за да се избегне оваа ситуација е да го следат примерот на Унгарија и воопшто да не ги пуштат мигрантите.

Back to top button
Close