Гутереш јасно го осуди нападот на Иран

По острите критики од Израел, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, вчера (2.10) недвосмислено го осуди иранскиот ракетен напад. „Како што требаше да биде јасно вчера во контекст на осудата што ја изразив, уште еднаш најостро го осудувам вчерашниот масивен ракетен напад на Иран врз Израел“, рече тој за време на состанокот на Советот за безбедност на ОН во Њујорк.

Гутереш по иранскиот напад го осуди „проширувањето на конфликтот на Блискиот исток“, но не го спомна конкретно Иран. Израел потоа го критикуваше Гутереш за неадекватно осудување на нападот и го прогласи за „непожелна личност“. Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац го обвини дека е пристрасен кон неговата земја. Кац на платформата Х напиша: Генерален секретар „кој ги поддржува терористите, силувачите и убијците од Хамас, Хезболах, Хутите и сега Иран“ ќе влезе во историјата на ОН „како срамна дамка“.

 

Поддршка за Гутереш во Советот за безбедност

Неколку земји од Советот за безбедност на ОН вчера му дадоа поддршка на Гутереш. Амбасадорите на Велика Британија, Франција, Русија, Јужна Кореја, Словенија и Гвајана, меѓу другите, ја истакнаа својата поддршка за шефот на ОН. Алжирскиот амбасадор Амар Бенџама рече дека одлуката на Израел да го прогласи Гутереш за „персона нон грата“ покажува „јасен презир кон системот на ОН и целата меѓународна заедница“.

Наспроти тоа, САД на состанокот ја потврдија својата поддршка за Израел. Иран е соодговорен за ескалацијата на кризите во Појасот Газа и Либан, изјави американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд. Техеран, според неа, бил вмешан во терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври со тоа што го финансирал и тренирал военото крило на таа организација. Иранската револуционерна гарда, исто така, ги „охрабри и им овозможи“ на бунтовниците Хути во Јемен со напади да го попречуваат глобалниот поморски транспорт. Иран, додаде Томас-Гринфилд, ги поддржува милициите во Сирија и Ирак кои ги нападнаа американските трупи. Понатаму, Исламската Република ги вооружува и поддржува борците на Хезболах во Либан. „Да бидам јасна: иранскиот режим ќе одговара за своите постапки“, рече американската амбасадорка Томас-Гринфилд. Соединетите Американски Држави, освен тоа, го предупредија Иран или неговите актери да не презема какви било активности против САД или натамошни дејства против Израел. (Dw)

Back to top button
Close