ВИДЕО: Поплавени централни делови на повеќе градови во БиХ, најтешка состојбата во Јабланица

Централните делови на неколку градови во северниот дел на Херцеговина и централна Босна се целосно поплавени, а најтешка е состојбата во Јабланица, која е целосно изолирана поради поплавите.

Во текот на изминатата ноќ, обилните врнежи создадоа порои кои централните делови на повеќе градови ги претворија во реки. Поплавени се станбени и деловни објекти, а сообраќајот е во целосен застој. Според информациите од Градската служба за спасување во Јабланица, влезот и излезот од градот се невозможни.

Прекинати се патните правци кон Мостар и Сараево. На нивната Фејсбук страница е објавено видео кое покажува дека центарот на градот е претворен во река.

Граѓаните се предупредуваат да не ги напуштаат своите домови, а оние кои можат, да се обратат на надлежните служби за помош.На патиштата има бројни одрони. Слична ситуација е и во соседниот Коњиц. Центарот на Кисељак во централна Босна исто така е поплавен, а тамошниот градоначалник Младен Мишуриќ Рамљак ова го нарече „потоп од библиски размери“.

Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон со седиште во Мостар го оцени состојбата како критична и ги повика граѓаните да не патуваат кон Коњиц и Јабланица.

Најавите од метеоролозите за нови обилни врнежи предизвикуваат дополнителна загриженост.

Back to top button
Close