Ким Џонг-ун се заканува со нуклеарно оружје во случај на провокација

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун вети дека ќе употреби нуклеарно оружје доколку биде загрозен суверенитетот на неговата земја, објавија државните медиуми.

„Во тој случај, севернокорејската војска без двоумење би ги искористила сите офанзивни сили што ги има, вклучително и нуклеарно оружје. Доколку се појави таква ситуација, продолжувањето на опстанокот на Сеул и Република Кореја нема да биде возможно“,рече Ким користејќи го официјалното име за Јужна Кореја, за време на посетата на воената база за обука, пренесува новинската агенција КЦНА.

Во вторникот, јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол ја предупреди Северна Кореја дека секој обид за употреба на нуклеарно оружје ќе наиде на цврст и силен одговор од Јужна Кореја и нејзините сојузници од САД.

Северна Кореја го претстави објектот за збогатување ураниум во септември, а Ким ја нагласи „потребата експоненцијално да се прошири арсеналот за нуклеарно оружје“.

Според Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ), Северна Кореја моментално поседува околу 50 нуклеарни боеви глави, но точниот број не е познат.

Северна Кореја е под меѓународни санкции поради нуклеарното оружје и ракетната програма. Последната позната нуклеарна проба беше извршена во 2017 година.

САД, Јужна Кореја и Украина, меѓу другите земји, го обвинија Пјонгјанг дека ѝ доставува ракети на Москва за употреба во војната во Украина, во замена за економска и друга помош.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close