Министерката Божиновска не одговара за нејзината бугарска самосвест оти ја прашувале тие кои посакувале„ заборав на сè што неправиле“

„Повторувањето на овие напади одговара на луѓе на кои им пречи активното занимавање на Владата со проблемите во областа која јас ја раководам. Им одговара заборав на сè што направиле и слепило од државата за сè што сакаат да направат. Затоа повторувам, Македонка сум и не дозволувам тоа да ми биде спорено“, пишува министерката за енергетика на Фејсбук откако во петокот на прес-конференција доби неколку прашања за бугарското државјанство.

Јас сум родена во Скопје, Македонка сум и секогаш ќе бидам Македонка, напиша денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на својот фејсбук-профил, додавајќи дека „тоа никој ниту може ниту смее да го оспори“.

„Сите други зајадливи коментари, чудни прашања и погрешно толкувани одговори ќе ги разберам и прифатам како цена на моето скромно и мало политичко искуство. Не се вратив дома за да се мешам во политички игри, се вратив да го вложам моето знаење и искуство во енергетиката како специфична и тешка проблематика“,додаде Божиновска.

Нејзината објава доаѓа два дена по прашањата од „360 степени“ во врска со нејзиното бугарско државјанство, на прес-конференцијата на која даваше отчет за првите сто дена откако стапи на функцијата. На прашањето дали сè уште има бугарска самосвест, што е услов за добивање бугарско државјанство, министерката одговори дека тоа биле изјави на кои не се сеќава, биле многу одамна и дека треба да се консултира со адвокатите.

Денеска, пак, пишувајќи за тоа дека има само македонско и чешко државјанство затоа што долги години живеела и работела во Чешка, барањата да каже дали сè уште има бугарска самосвест, таа ги квалификува како „лични напади“.

„Секогаш мислев дека личните напади и конструкции не се добри во било кои меѓучовечки односи. Повторувањето на овие напади одговара на луѓе на кои им пречи активното занимавање на Владата со проблемите во областа која јас ја раководам. Им одговара заборав на сè што направиле и слепило од државата за сè што сакаат да направат. Затоа повторувам, Македонка сум и не дозволувам тоа да ми биде спорено“ напиша Божиновска.

Понатаму во објавата таа додава дека за неа било најзначајно да се изгради и да се имплементира долгорочна енергетска стратегија, да се прекине корупцијата во енергетскиот систем, да се откријат, како што вели, сите што се збогатија поради скапите сметки од граѓаните, да се расчисти со долгот на државата кон снабдувачите од 60 милиони евра, да се прекинат „преплатените“ тендери за надворешни компании, да се обезбеди енергетска ефикасност, силно и одржливо домашно производство на енергија и друго.

„На сите кои им сметаат нашите стратешки планови за воведување на ред во оваа област им упатувам порака дека овие лични напади нема да ме поколебаат во мојата намера за воведување на ред во оваа област во која минатите години владееше хаос и комплетен криминал“,заврши Божиновска.

Дали сè уште поседува бугарско државјанство – е првото прашање што и го поставивме на Божиновска на прес-конференцијата. Откако негодуваше зошто се поставува прашање „нерелевантно за темата на прес-конференцијата“, таа одговори:

„Јас поседувам македонско и чешко државјанство. Имам и македонски пасош и чешки пасош“.

Со оглед дека децидно не одговори, ја прашавме дали може да стави на увид на јавноста документ од бугарските власти со кој се потврдува дека е прифатено нејзиното барање за отпуст, односно дека веќе не е бугарска државјанка.„Ќе проверам со адвокатите и ќе ве известам“,рече таа.

Но, за да се добие бугарско државјанство, како што е познато, барателот треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин односно Бугарка и дека има бугарски корени. Па, ја прашавме министерката Божиновска дали сè уште има бугарска самосвест.

Божиновска: За тоа прашање ќе морам да се консултирам со адвокатите. Они ја водеа таа процедура и тоа беше многу одамна.

360°: И за вашата самосвест?

Божиновска: Значи, тоа беа изјави за кои сега не се сеќавам. Тоа беше многу одамна. Не го водев јас процесот, значи. Го водеше адвокатска канцеларија.

„360 степени“ во јуни годинава објави дека Божиновска поседува бугарско државјанство и дека со бугарски пасош ја раководела компанијата „Руднап“ во Хрватска. А, за да се добие бугарско државјанство, барателот треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин пред тамошните власти и да ги наведе своите бугарски корени.

Back to top button
Close