Гранди: Израел со нападите врз Либан го прекршува меѓународното право

Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР), Филипо Гранди, денеска во Бејрут изјави дека Израел ги прекршува меѓународните хуманитарни закони со своите воздушни напади врз Либан, бидејќи ги таргетира цивилите и цивилната инфраструктура.

Гранди е во Либан за да помогне во обезбедувањето сместување за повеќе од 1,2 милиони раселени лица, откако Израел ги засили воздушните напади и започна копнена операција.

Тој истакна дека Светската здравствена организација (СЗО) го информирала дека Израел напаѓал здравствени установи на различни локации во Либан.

– Борбите принудија околу 220.000 луѓе да преминат во Сирија, од кои 70 отсто се Сиријци, а 30 отсто Либанци, додаде Гранди.

Тој посочи дека поради израелските бомбардирања, патот до граничниот премин Масна е уништен, што го отежнува бегството на луѓето од Либан во Сирија.

Повеќе од 2.000 луѓе загинаа, а околу 10.000 се ранети во Либан за време на борбите со Израел во изминатата година, при што поголем дел од жртвите настрадаа во последните две недели, соопшти Министерството за здравство на Либан.

Израел соопшти дека во судирите со либанската милитантна група Хезболах, загинале околу 50 цивили и војници.

Back to top button
Close