(ВИДЕО) Мицкоски: Со премиерот на Србија разговаравме за продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји
Тој рече „разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации кои доаѓаат. Посебно се осврнавме на културната соработка и образованието. Се согласивме дека инвестирањето во младите е инвестирање во иднината. Кога нашите млади уште повеќе ќе се поврзат, ќе учат едни од други и ќе создадат заеднички проекти, тогаш сме сигурни дека регионот ќе оди напред“.
„Зборувавме за предизвиците со кои се соочува регионот. Во овие турбулентни времиња, неопходно е да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион. Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања. Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот. Исто така можам да кажам дека зборувавме во делот на енергетското поврзување на двете земји. Посебно ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји. Бидејќи ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Тоа беше еден од важните сегменти во нашите разговори“ порача македонскиот премиер.
Тој порача дека со Вучевиќ зборувале и за „изградба на брзата пруга којашто е дел од Коридорот 10, којашто претставува стратешки приоритет на нашата Влада исто како што е и Коридорот 8. Но заеднички приоритет е изградба на Коридорот 10 и со нашиот северен и со нашиот северен сосед. И на тој начин практично ги опфативме оние теми кои што се важни, видовте и самите, присуствувавте на потпишување на Меморандум за соработка во делот на енергетиката, рударството и минералните суровини. Така што можам да кажам дека регионалното поврзување останува приоритет за двете држави и тоа регионално поврзување да биде дел од идното поврзување и интегрирање во рамките на Европската Унија“.