Кога ќе се создадат услови, граѓаните и Собранието ќе бидат информирани за решението кое Владата го договара за евроинтеграциите, вели Митева

Кога ќе се создадат услови, јавноста и Собранието ќе бидат информирани за решението за евроинтеграциите на кое работи Владата, изјави денеска на прес-конференција новоназначената владина портпаролка Марија Митева.

Нејзината изјава се однесува на повиците што изминатите денови опозицискиот СДСМ ги адресира до премиерот Христијан Мицкоски за одржување затворена собраниска седница на која власта е повикана да информира за понатамошните чекори во евроинтеграцискиот процес на земјава.

„Кога ќе се подготви едно такво решение, прво јавноста ќе биде информирана. Не станува збор за нешто што ќе се држи во тајност. Посветеноста на Владата во однос на евроинтеграцискиот пат е секогаш отворена пред граѓаните со јасно изразени ставови. Кога ќе се создадат услови, по финализирање на она што значи евроинтегративен пакет и став по однос на истото, ќе ја информираме јавноста, а се разбира и Собранието“изјави на денешната прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.

Претходно денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, повторно го повика премиерот да го соопшти планот за евроинтеграциите пред пратениците во Собранието. На прашањето дали формално е поднесено барање до Собранието, Филипче посочи дека во следниот период ќе го искористат секој механизам за свикување седница.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани вчера изјави дека Владата е во фаза на интерни разговори за изнаоѓање нови решенија во врска со евроинтеграциите на земјава, во кои не се исклучени уставните измени, но оти нема да бидат објавени јавно пред изборите во соседна Бугарија.

Back to top button
Close