Јаневска: Јакимовски е многу способен, верувам дека ќе најде начин да ги затопли училиштата
Очекувам сите училишта да имаат греење, вели министерката за образование Весна Јаневска откако вчера градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, алармираше дека грејната сезона нема да почне во училиштата што се под нивна надлежност оти од Министерство му кажале дека немаат пари за покривање на долговите за греење.
Министерката Јаневска очекува градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за кого вели дека е многу способен да најде начин да ги затопли училиштата.
„Очекувам сите училишта да имаат греење затоа што не е возможно без греење да се учи, така што верувам дека градоначалникот, кој е многу способен, ќе најде начин да ги затопли училиштата. Во другите општини не сум слушнала дека има проблем“,рече Јаневска денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Основните училишта во Карпош од утре ќе немаат греење, Општината бара Владата да го плати долгот кон ЕСМ
Јаневска вели дека блок-дотациите за училиштата се исплатени и оти градоначалниците и директорите на училиштата треба да се организираат за да ја спроведат не само грејната сезона, туку и сè друго што треба.
„Министерството за образование и наука дава блок-дотации до општините и тие се исплатени и нема што дополнително да даваме. Работа на градоначалниците и на директорите е како ќе се организираат за да ја спроведат не само грејната сезона, туку сè друго што треба. Така што градоначалникот, ако ова го упатил до нас, не е прашање за Министерството“,рече Јаневска.
Таа вели дека доколку Јакимовски има некакви дополнителни барања треба да се обрати таму каде што треба, а не до Министерството за образование и наука.
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, вчера кажа дека „ЕСМ – снабдување со топлина“ нема да испорачува топлинска енергија во училиштата поради долгот што Општината го има кон компанијата.
Јакимовски, изнесувајќи ги долговите што секое основно училиште го има кон „ЕСМ – снабдување со топлина“, упати порака до Владата да го напушти популизмот и да обезбеди основните функции на државата, во кои спаѓа и образованието, да можат нормално да егзистираат и да функционираат.
Тој ја повика Владата да ги обезбеди средствата за долгот кој изнесува 8 300 000 денари и да го плати затоа што, како што рече, локалната самоуправа не е должна да го прави тоа.
Од „ЕСМ – снабдување со топлина“ вчера информираа дека грејната сезона во училиштата во Карпош ќе почне на 1 ноември и оти тоа е на барање на Општината.