Безбедносната проверка за ,,државна тајна” може да трае 6 месеци, а новиот директор на АНБ го доби сертификатот за 10 дена

Новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, во експресна постапка од десет дена го добил безбедносниот сертификат за „државна тајна“, објави ТВ Телма.

Тоа значи дека од сега Христовски ќе може да ги чита „државните тајни“, бидејќи стапи на директорската позиција без да го има овој важен документ.

Она што паѓа во очи е дека директорот во експресно кратка постапка го добил сертификатот, а условите за негово добивање се пропишани во Законот за класифицирани информации.

За да може едно лице да добие безбедносен сертификат потребно е да биде задоволен принципот „потребно е да знае“, односно да се има потреба од пристап до класифицирани информации, како и да бидат исполнети условите од член 38 од Законот за класифицирани информации.

За да отпочне постапка за издавање безбедносен сертификат потребно е до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да биде доставено барање, од страна на овластеното лице, за издавање безбедносен сертификат. Кон барањето мора да бидат приложени и:

-безбедносен прашалник;

-изјавата на кандидатот со која се согласува да бидат проверени наведените податоци дадени во безбедносниот прашалник;

-фотокопија од важечка лична карта или патна исправа и

-биографија.

 

Во Законот е предвиден и рокот за добивање на овој вид на сертификат, односно за траењето на безбедносната проверка, но е ставен само максималниот. Па така, за добивање на сертификат за ,,државна тајна” е предвиден рок од шест месеци, а доколку е потребно рокот може да се продолжи за уште нови шест месеци.

 

Сертификатот пак е со важност од пет години.

 

По назначувањето на Христовски се оспоруваше и неговиот сертификат по англиски јазик, кој го добил од Бугарија.

Од Скопското основно јавно обвинителство (ОЈО), информираа дека дејствувајќи по допрен глас, ќе ги испита индициите околу уверението за положен ТОЕФЛ испит за познавање англиски јазик на директорот на АНБ.

Back to top button
Close