ЛЕЦ ГОУ ТУ ДИСКО

„Националната безбедност не заслужува да биде тема на јавноста“. Ма немој. А што заслужува да биде тема на јавноста?

Откако од Бугарија стигна и веста дека директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски полагал испит по англиски јазик ТОЕФЛ во јазично студио што не организира такви испити, Мицкоски ни вели: Националната безбедност не заслужува да биде тема на јавноста.

Ма немој. А што заслужува да биде тема на јавноста? Па и бугарското и чешкото државјанство на министерката Божиновска е тема од национална безбедност. Енергетика е во прашање. Од каде да сме сигурни дека Чешка или Бугарија не ѝ се помили татковини од Македонија? Ама Мицкоски ѝ верува. Како, кога таа веќе два пати излажала. Еднаш ја измамила бугарската држава, кога рекла дека има бугарска самосвест, а немала, а вторпат македонските гласачи кога не им кажала дека има уште две резервни татковини.

Ќе си речеш, Мицкоски згрешил, не знаел дека Божиновска имала бугарски пасош и не знаел дека Христовски има диплома за англиски јазик издадена во непостоечко јазично студио во Бугарија. Ама, толку ли нема други луѓе во ВМРО-ДПМНЕ па запнал нив здушно да ги брани?

Излезе дека тоа студиото „Јулија“ во Пловдив издавало лажни сертификати ТОЕФЛ и на други луѓе што сакале да бидат директори во државни институции. Не полагале кај нас англиски, во училиштата што се сертифицирани за издавање ТОЕФЛ сертификати, ами оделе во Бугарија. По квалитетен ТОЕФЛ во Европска Унија, не некој ваков безвезен македонски ТОЕФЛ.

Ова со полагањето англиски јазик во Пловдив ме потсети на една стара реклама кога баба и дедо учат англиски од касетофон и повторуваат: Лец гоу ту д диско тунајт. Новово време носи нови предизвици. Лец го ту Пловдив тунајт. Ќе бидеме поголеми Македонци од Македонците.

Две директорки веќе се осудени на условна казна затвор за измама оти приложиле фалсификувани дипломи од истото јазично студио каде што полагал и новиот директор на АНБ. Ама Христовски не е директор на селско училиште туку шеф на тајна служба чија работа, меѓу другото, е да спречи вакви измами.

Премиерот Мицкоски во Собранието покажа некои хартии со такви лажни сертификати  и му ги даде на Венко Филипче. Што му ги дава на лидерот на СДСМ? Нека ги даде во Обвинителство. Тоа е вистинската адреса. И додека чекаме Антикорупциската комисија и Обвинителството да се надмудрат кој е надлежен да ја истражи шемата на пловдивските дипломи по англиски јазик, во меѓувреме може да се уништат и доказите.

Што си мислеа? Дека Бугарите ќе играат нежно со нас? Дека ќе им почитуваат приватност? Дека нема да им ги извадат и сите државјанства, сите фирми и сите сертификати и дипломи, што лажни, што вистинити? Нека им ги извадат. Малку им било таму што ги понижувале кога пееле бугарски песни, сега вторпат нека ги понижуваат. Да си знаеме со кого си имаме работа дома.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close