СДСМ во Собранието поднесе закон за укинување на ДДВ на основните прехранбени производи
Укинување на пет отсто данок на додадена вредност на основните прехранбени производи, со што месечно би се штеделе од 1 200 до 2 000 денари предвидува предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска го поднесе во Собранието.
Со овие промени, како што велат од СДСМ, ќе има реално намалување на трошоците од месечната потрошувачка кошничка.
„Во предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност се предвидува укинување на ДДВ за прехранбените производи, односно од 5 отсто на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за исхрана. Во предлогот се опфатени над 250 категории производи кои ќе бидат со нула проценти ДДВ“рече денеска лидерот на СДСМ Венко Филипче кој на прес-конференција го претстави предлог-законот.
Според него, ако се земе предвид тоа што учеството на храната и пијалакот во потрошувачката кошничка изнесува 23 илјади денари, ефектите од намалувањето на ДДВ на нула проценти ќе донесе заштеда за граѓаните до 2 000 денари месечно.
„Она што е најважно е дека за спроведувањето на предлог-законот не е потребно обезбедување на финансиски средства и оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата на Христијан Мицкоски“,рече Филипче.
Филипче од Собранието критикувајќи ги владините политики што беа применувани за основните прехранбени производи ги повика сите пратеници, без разлика на политичката идеологија, да дадат поддршка на законот.
„Владините политики ги оставија граѓаните со сè помали буџети за кои основните прехранбени производи станаа луксуз, а мерките за нивно поевтинување се сведоа на празни налепници и неефикасна ПР-кампања. По еден месец, владината мерка за наводно поевтини основни прехранбени производи, се покажа како целосно неефикасна“,рече Филипче.
Филипче денеска уште еднаш ја повика Владата веднаш да почне да го применува Законот за нефер трговски практики, со кој ќе се заштити буџетот на граѓаните и ќе го намали самоволието на трговците и добавувачите.
„Владата да престане да тактизира со Законот за нефер трговски практики и веднаш да почне неговата примена. Овој закон опфаќа над 2 600 земјоделски производи кои се веќе дефинирани и готово применливо решение што го донесе Владата на СДСМ“,изјави Филипче додавајќи дека со овој закон е создадено системско решение со јасни правила.
Освен измените и дополнувањата за овој закон, Филипче рече дека СДСМ денеска повторно ќе го поднесе и Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра што беше одбиен од владината коалиција со образложение дека нема фискални импликации.
„СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра, кој владината коалиција го одби со образложение дека нема фискални импликации. А, во исто време прифати други закони поднесени од ВМРО-ДПМНЕ без фискални импликации. Најостро го осудуваме функционирањето на Собранието по двојни стандарди и имплементирањето на пракси на дејствување согласно индивидуални толкувања на деловникот“,рече Филипче.
Потсетувајќи на седумгодишните политики на владата на СДСМ во кои, како што рече, имало постојан раст на платите и кога минималната плата од 8 000 денари се зголемила на сегашните 22 567 денари, Филипче порача дека граѓаните очекуваат одговорни политики и мерки кои ќе резултираат со реални ефекти.
„Ова не е време за празни зборови, туку за храбри и одговорни политики кои ќе обезбедат видливи резултати“,рече Филипче.