Борел: Ако не сте на масата за геополитичка игра, ќе бидете на менито
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел денеска повика на зајакнување на единството и безбедноста на Европа, предупредувајќи дека тие кои не се на масата за политичка игра ќе бидат на менито.
– Фактот што САД избраа претседател, кој ќе има конкретни идеи за најважните сценарија во светот, во Украина, на Блиски Исток и во односот на Кина, бара од Европејците јасно да ја разберат нивната мисија. А нивната мисија, најважната мисија, е да се изгради Европа како сила, како суверен ентитет, способен да дејствува, не препуштајќи ја нашата безбедност на некој друг, бидејќи никој друг нема да се грижи за нашата безбедност, посочи Борел.
Тој, на вториот ден од неформалниот состанок на шефовите на држави или влади на ЕУ во Будимпешта, додаде дека Унијата мора да се грижи за својата независност, економска безбедност и односите со Кина.
– За се е потребен еден и важен збор: единство за да се изгради силна Европа, истакна Борел.
Тој најави дека следните денови ќе ја посети Украина каде ќе разговара како да продолжи поддршката на ЕУ за Киев.
Според Борел ЕУ сака да остане силен партнер на САД, но оти мора да изгради сопствени капацитети.
– Што и да е случи во САД, ние имаме свои интереси, имаме свои вредности … Мораме да обезбедиме сопствена безбедност, секако сметајќи на НАТО, но градејќи повеќе капацитети. Јасно е дека Европејците мора да градат сопствена безбедност, истакна Борел.