Шекеринска: Ќе работам на уште посилна и побезбедна Алијанса

 

Ќе ми биде привилегија да служам како заменик-генерална секретарка на НАТО под раководство на генералниот секретар на Алијансата. Ова е првата реакција на Радмила Шекеринска на нејзиното именување за следен заменик на првиот човек на Алијансата, Марк Руте.

Следната заменик-генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска / Фото: Архива

Споделувајќи го официјалното соопштение на веб-страницата на НАТО за одлуката, таа во објавата додава:

„Посветено ќе работам со сите сојузници за уште посилна и побезбедна Алијанса“.

“.

 

Во соопштението на Алијансата беше пренесена изјава на генералниот секретар, во кое тој вели оти е среќен што може да го објави именувањето на Радмила Шекеринска за следна заменик-генерална секретарка.

„Таа е вистински верник во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучите на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа важна улога“,

се наведува во изјавата на Руте.Шекеринска претходно беше вицепремиер за европски интеграции и министер за одбрана на Северна Македонија, вклучително и пред влезот на земјата во НАТО-алијансата во 2020 година. Таа ќе ја преземе функцијата подоцна оваа година, се додава во информацијата.

Шекеринска на оваа позиција ќе дојде на местото на Романецот Мирчеа Џеоана.

Нејзиното име како како можен нов заменик-генерален секретар на НАТО, првично во август годинава го објави бриселски „Политико“, кој тогаш напиша дека постоел општ консензус меѓу сојузниците дека Источноевропеец треба да биде назначен на оваа позиција.

Друг кандидат за десна рака на Руте, според весникот, била поранешната вицепремиерка и еврокомесарка од Бугарија, Марија Габриел.

По објавувањето на одлуката на НАТО, стигнаа и првите честитки до Шекеринска од нејзините другари од матичната партија, СДСМ.

Честитајќи ѝ и го именувањето, во подолга објава на социјалните мрежи, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, напиша дека таа е вистинскиот избор за втор човек на НАТО – најмоќниот воено-политички сојуз во светот.

„Со нејзиното долгогодишно искуство, посветеност и професионалност, силно верувам дека успешно ќе се носи со најголемите предизвици кои и претстојат. Ова назначување е доказ дека нејзиниот труд и професионалност се ценети на глобално ниво. Преку нејзиниот успех, Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата вредност и капацитет да биде дел од најзначајните меѓународни процеси. Ние сме рамноправна членка на НАТО која има што да понуди за глобалната безбедност и стабилност“,напиша Филипче.

Честитката на Венко Филипче

Нејзиното назначување, додава тој, е и уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ и Владата, предводена од него, кои со посветена работа успеаја да ја внесат Северна Македонија во НАТО.

Претходникот на Филипче на лидерската позиција во СДСМ, Димитар Ковачевски, честитајќи ѝ на Шекеринска, напиша дека станува збор за голема одговорност, но и успех и признание за нејзините квалитети, искуство и посветеност на евроатлантските интеграции.

„Ова истовремено е и голем успех за нашата земја, потврда на нашата важна улога во НАТО-алијансата“,вели Ковачевски во честитката.

Честитката на Ковачевски

Неговиот претходник и експремиер во чие време Северна Македонија стана членка на НАТО, во честитката до Шекеринска, која беше министерка за одбрана во неговата влада, напиша дека македонската дипломатија денеска добива круна.

„Назначувањето на Радмила Шекеринска за заменик-генерален секретар на НАТО е признание за нејзините професионалност, посветеност и визија за демократски и безбедни општества, но е признание и за сите наши домашни и меѓународни напори да обезбедиме мир, стабилност и интеграција со современиот демократски свет. Ова е доказ дека Северна Македонија е исклучително важна членка на НАТО. Честитки i!“,

вели Заев во честитката на Фејсбук.

Честитката на екслидерот на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев

„Честитки за Радмила Шекеринска за ова големо признание! Ова именување за следен заменик-генерален секретар на НАТО е значајна победа, како за неа лично така и за Северна Македонија. Ова ја потврдува важноста и растечката улога на земјава во меѓународната безбедносна архитектура“, напиша актуелниот пратеник и ексминистер за одбрана Оливер Спасовски.

Back to top button
Close