Османи: Албанскиот јазик е еден од најважните елементи на Рамковниот договор

Едногласно да дадеме порака дека албанскиот јазик е линијата што не смее да се пречекори, во овие политички битки за демонтирање на Рамковниот договор. Ова го подвлече Бујар Османи, потпретседател на Демократската унија за интеграција, кој е еден од учесниците на дебатата „Службен албански јазик – столб на Охридскиот договор“.

Настанот е по повод 22 ноември, Денот на албанската азбука, во организација на Аналитички истражувачки центар на Демократската унија за интеграција „Абдилаќим Адеми“.

– Денешниот настан е значаен, како прво, бидејќи се случува на важна годишнина, Денот на албанската азбука. Меѓутоа, сметаме дека овој важен ден не треба да се посвети само од историски контекст, туку и од аспект на предизвиците што денеска ги има албанскиот јазик. А, посебно поради фактот што се предизвикува официјалноста на јазикот преку иницијативите поднесени пред Уставен суд од политичари и политички партии. Ние сметаме дека официјалниот албански јазик е еден од најважните елементи на Рамковниот договор, рече Османи.

Османи оцени дека Рамковниот договор е најуспешниот мировен договор на Западен Балкан.

– Тој е столбот на кохезијата, меѓуетничката хармонија во Република Северна Македонија и сакаме оттука од еден мултиетнички панел, едногласно да дадеме порака дека албанскиот јазик е линијата што не смее да се пречекори, во овие политички битки за демонтирање на Рамковниот договор, додаде Османи.

Како што е најавено, дебатата ќе се фокусира на тековните предизвици и закани со кои се соочува Охридскиот мировен договор, неговото значење за стабилноста и развојот на нашата држава, како и идните чекори за негово зачувување и унапредување.

Освен Османи, на панелот говорат и Никица Корубин, поранешна пратеничка и политички аналитичар, Агим Нухиу, универзитетски професор, како и Ивон Величковски, политички лидер на Движењето за Нова Република.

Според организаторот, станува збор за клучна тема за општеството во Северна Македонија.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close