Дипломатите на Г7 претпазливи оптимисти за можниот договор за прекин на огнот во Либан
Министрите за надворешни работи на Групата седум (Г7) најразвиени индустријализирани земји во светот денеска изразија внимателен оптимизам за можниот напредок во постигнувањето прекин на огнот во вооружениот конфликт меѓу Израел и либанското милитантно движење Хезболах.
Самитот во Фиуџи кај Рим е последниот собир на дипломатите на Г7 пред раководството во САД, во сенка на војните во Украина и на Блискиот Исток, да го преземе новата администрација со Доналд Трамп како претседател. Прекините на огнот во Газа и Либан се главни на агендата на состанокот.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на отворањето на самитот рече дека „можеби“ е на повидок прекин на огнот во Либан и изрази надеж дека нема да има повлекување „во последен момент“.
На состанокот присуствуваат шефовите на дипломатиите на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД, кои последен пат ги претставува администрацијата на претседателот Џозеф Бајден во заминување.
На состанокот за првпат присуствуваат шефовите на дипломатиите на земјите од таканаречениот „арапски квинтет“ – Саудиска Арабија, Египет, Јордан, Обединетите Арапски Емирати и Катар, а учествува и генералниот секретар на Арапската лига.
Тајани рече дека Италија понудила да преземе поголема улога од претходно во мировните сили на Обединетите нации во Либан, со цел да го следи спроведувањето на евентуалниот договор за прекин на огнот.
Пред почетокот на самитот, израелскиот амбасадор во САД, Мајк Херцог, изјави за израелското воено радио дека прекин на огнот може да се постигне „во рок од неколку дена“.
Неколку арапски министри повикаа на прекин на огнот и во Газа и во Либан, каде што се борат израелската армија и Хезболах.
„Арапскиот квинтет“ работи со САД на „ден после“ за Газа и постои чувство на итност да се направи нешто пред администрацијата на Трамп да ја преземе власта во Вашингтон, која се очекува цврсто да ги поддржува израелските интереси на сметка на аспирациите на Палестинците.
Египет на конференцијата повтори дека следниот понеделник ќе организира конференција во Каиро посветена на собирање хуманитарна помош за Газа, каде беснее војната меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас.
Војната избувна затоа што на 7 октомври 2023 година Хамас изврши терорисчки напад на Израел од територијата на Газа, која ја контролира од 2007 година. ј