„Во ерата на беспилотните летала, борбените авиони се застарени и нивниот единствен резултат е смрт на пилотот“, објави Маск
Милијардерот Илон Маск, кој е назначен од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ја води комисијата за намалување на трошоците на федералната влада, изјави синоќа дека борбените авиони треба да се заменат со беспилотни летала бидејќи тие се иднината на судирите во воздух.
„Во ерата на беспилотните летала, борбените авиони се застарени и нивниот единствен резултат е смрт на пилотот“, објави Маск, шеф на вселенската компанија SpaceX и автомобилската индустрија Тесла, на својата платформа Икс.
Зборувајќи за најсовремените борбени авиони на Локхид Мартин, што се сметаат водечки на американските ВВС откако стапија во служба во 2015 година, Маск рече дека „идиоти се уште градат борбени авиони со екипаж како што е Ф-35“. Покрај тоа, тој објави видео од стотици дронови „во формација“ во воздухот.
Стелт авионот од петта генерација, Ф-35 неодамна беше предмет на извозни договори за Романија, Полска, па дури и Германија.
Развојот на тој авион беше бавен поради неговата сложеност, особено компјутерските програми, а неговите оперативни трошоци беа многу високи.
„Дизајнот на F-35 не успеа во однос на поставените предуслови…Ф-35 стана комплексна машина без никаква борбена посебност”, наведе Маск.