Герасимовски нема да биде дел од раководството на СДСМ: Приоритет ми е Центар и програмата која ја реализираме

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски за нашиот медиум ја потврди својата одлука да остане целосно посветен на работата во општината и да ја заврши својата визија за подобрување на условите за живот на граѓаните. Оваа изјава доаѓа во момент кога јавноста интензивно шпекулираше дека тој ќе биде дел од новото централно раководство на СДСМ, кое е во процес на формирање.

Во текот на последните неколку месеци се појавија информации дека Герасимовски ќе се приклучи на највисоките партиски структури. Сепак, Герасимовски потврди дека донел одлука да не биде дел од централното раководство, истакнувајќи дека негов приоритет остануваат проектите кои ги започнал како градоначалник на Центар.

„Одлучив да останам посветен на општина Центар затоа што одговорноста која ја имам пред граѓаните е на прво место. Предизвиците во општината се големи, но исто така и мојата желба да ги исполнам сите ветувања кои ги дадов на граѓаните. Секако, иако нема да бидам дел од највисокото раководство на партијата, останувам посветен и на мојот политички ангажман во СДСМ. Пред нас е бурен период и локални избори за помалку една година за што целосно ќе се фокусирам на локалните политики на општината.“, изјави Герасимовски.

Тој истакна дека фокусот ќе биде ставен на реализацијата на голем број инфраструктурни проекти, унапредување на јавните услуги и решавање на секојдневните проблеми на жителите. Според него, посветеноста кон локалната самоуправа и граѓаните е најважната обврска што ја презел како градоначалник.

„Сметам дека е исправно да се заврши започнатото. Центар е срцето на Скопје, и работата во оваа општина бара целосен фокус. Благодарен сум на довербата од граѓаните, и убеден сум дека ќе успееме да исполниме сè што е зацртано“, додаде тој

Back to top button
Close