Во Грузија и вечерва продолжија антивладините протести

Неколку илјади проевропски демонстранти и вечерва излегоа на улиците на Тбилиси, трет ден по ред, протестирајќи против владата, која опозицијата ја обвинува дека го одвлекува вниманието на земјата од нејзините амбиции да се приклучи кон Европската унија.

На претходните два протеста полицијата ги растера демонстрантите со водени топови и солзавец и уапси повеќе од 100 лица.

Протестите се поттикнати од одлуката на владата, обвинета за проруски авторитаризам, да ги одложи разговорите за интеграцијата на Грузија во ЕУ до 2028 година.

Опозицијата ги оспорува и резултатите од парламентарните избори одржани во октомври, на кои победи владејачката партија Грузиски сон.

Вечерва собирот се одржува во близина на парламентот, а дел од демонстрантите носат грузиски и знамиња на ЕУ.

Околу 160 грузиски дипломати вчера и завчера ја критикуваа одлуката на владата да го одложи процесот на европска интеграција, наведувајќи дека таа е во спротивност со Уставот и дека ќе доведе до меѓународна изолација на земјата.

Во знак на протест и над 100 училишта и универзитети ги прекинаа своите активности.

И покрај ваквата одлука владата, сепак, наведува дека сака да продолжи со реформите и дека има намера земјата да ја внесе во ЕУ, но во 2030 г.

Грузија официјално доби кандидатски статус за членство во ЕУ во декември 2023 година, но Брисел оттогаш го замрзна процесот, обвинувајќи ја извршната власт за сериозно демократско назадување

Back to top button
Close