ИРЛ: Поднесена тужба против Министерството за образование и наука

Во име на шест студенти членови, Форумот за образовни промени (ФОП) поднесе тужба против Министерството за образование и наука пред Управниот суд. Причината е неусогласувањето на висината на субвенционираниот студентски оброк кој треба да расте во секоја фискална година согласно растот на животните трошоци. Според нив, зголемувањето е обврска а не милост. , пишува ИРЛ.
„Да бидеме јасни висината на субвенционираниот студентски оброк не е прашање на ретроградниот Меркур или прашање на милостина на владата и на министерството за образование и наука кон студентите или пак добрата волја или расположение на министерката Весна Јаневска, туку е законска обврска и службена должност“ вели претседателот на Форумот, Бленди Ходаи.

Министерството за образование усогласувањето на износот од 140 денари на ден, го нема направено три фискални години наназад и според пресметките на Форумот, министерството на 30.000 студенти им должи по 100 евра и тие бараат исплата на овие пари ретроактивно.
Во меѓувреме студентите од седум универзитети во земјава од Скопје, Тетово и Штип, неформално организирани во Националното студентско тело уште во септември испратија барање до Министерството за образование за зголемување на субвенционираниот студентски оброк од 140 на 200 денари.
Студентите застанаа зад ова барање.
„Па најчесто не стигаат тие пари, морам да надополнам јас со свои лични пари и јас сметам дека тоа е неправедно“, вели студентката Бисера Стефановска од Филолошкиот факултет.
И за студентката Сара Драгарска оброкот изнесува помалку од тоа што би требало и смета дека средствата треба да се зголемат.
За идниот археолог Зеит Дураковиќ поголемиот износ би му помогнал, оти храната е се поскапа, а студените се во незавидна економска состојба.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска официјално нема одговорено на барањата на студентите. Разгледуваат нов модел на подршка на студентите, сличен како во Словенија.
„Сакаме да воведемe ваучерски систем со кој студентите ќе можат во одредени угостителски објекти или продажни центри за храна да обезбедат оброк, со субвенцијата. Во досегашните разговорите заклучивме дека тоа би било подобро решение, затоа што во моментов, студентите ја користат оваа субвенција на разни начини, некои за цигари, некои за алкохол, а некои од студентите посегнуваат по некои за општеството неприфатливи решенија“, вели министерката Весна Јаневска за ИРЛ.
Но сепак во општеството во континуитет постои повластена категорија – функционерите кои можат квалитетно да јадат за малку пари. ИРЛ веќе објави дека пратениците во Собранието можат за појадок да јадат омлет со шунка и кашкавал за 95 денари, парче леб 5 денари и мешана салата за 40 денари. Вкупно 140 денари или онолку колку што изнесува студентскиот субвенциониран оброк.
За ручек вешалица за 135 денари и парче леб 5 денари и зелена салата 20 денари. Вкупно 160 денари.

Политичките партии декларативно мислат на студентите и ги споменуваат во нивните говори. И во изборната програма на ВМРО ДПМНЕ за парламентарните избори во 2024 година, се залагаат за достоинствен студентски оброк. Предвидуваат промена на законот но и зголемување на износот.
Националното студентско тело се подготвува на он лајн референдум да ги прашаат студентите од седум универзитети дали се за предлогот на министерството за образование или други решенија што тие ќе ги понудат.
Неодамна премиерот Христијан Мицкоски предложи студентскиот оброк да се зголеми од 3.500 на 4.500 денари месечно. Студентите се уште немаат одговорено дали овој предлог е прифатлив за нив.
Текстот е преземен од ИРЛ






