Се нормализира водоснабдувањето по штетите од нападот со експлозив во Зубин Поток

Се нормализира водоснабдувањето во реоните погодени од нападот со експлозив во каналот Ибар-Лепенец, кај Зубин Поток, во северно Косово. Косовската министерка за економија, Артане Ризваноли соопшти дека доцна синоќа започнало водоснабдувањето во Јужна Митровица, Северна Митровица и Звечан.

„Водоснабдувањето на подрачјата погодени од терористичкиот напад во каналот Ибар-Лепенец се враќа во нормала! Синоќа во доцните часови почна водоснабдувањето во општините Јужна Митровица, Северна Митровица и Звечан. Водата денеска е веќе пуштена на третман во фабриките за вода во Глоговац и Орловиќ и почна редовното снабдување на граѓаните во Србица. За неколку часа се очекува нормализирање на снабдувањето за граѓаните на Глоговац, Косово Поле и Обилиќ!“објави Ризваноли на Фејсбук.

Во врска со настанот, кој официјална Приштина, како и меѓународната заедница, го оценија како терористички, косовската полиција во обемна акција во северно Косово, населено со мнозинско српско население, вчера уапси осум лица и заплени бројни материјални докази, како и арсенал на оружје и муниција, експлозиви, разновидна опрема, вклучително и стотици униформи и воена опрема.

Уапсени се осуммина и запленето е оружје во рација во северно Косово по експлозијата на каналот Ибар-Лепенец

Косовските власти ја обвинија Србија дека стои зад нападот.

„Нападот го извршиле професионалци. Ние сме убедени дека доаѓа од бандите предводени од Србија. Доколку не се санира штетата, тогаш дел од Косово ризикува да остане без струја,“рече Курти.

 

Белград ги отфрли обвинувањата, а српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека тие ќе спроведат сопствена истрага.

„Истрагата ќе покаже, ние спроведуваме наша истрага. Имаме одредени сомнежи, но истрагата ќе покаже кој наредил, а мислиме дека имаме сознанија и кој е извршител. Ќе продолжиме да работиме, а додека тоа не заврши, нема да објавуваме и да ја префрламе вината на некој друг“,рече Вучиќ.

Back to top button
Close