Верските лидери во земјава ги повикаа граѓаните да не потклекнуваат пред обидите за нарушување на соживотот и да ги почитуваат државните симболи
Поглаварите на верските заедници во земјава денеска ги повикаа македонските граѓани да не потклекнуваат пред обидите за нарушување на соживотот во државата.
Во соопштението упатено по денешната средба во Скопската епархија, тие наведуваат дека треба да се продолжи со продлабочување на меѓусебната солидарност и да се запази почитта едни кон други, кон државните симобили на државата и кон симболите на сите етнички заедници во неа.
Соопштението е потпишано од поглаварите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, Исламската верска заедница, Реис ул Улема Шаќир ефенди Фетаи, Католичката црква, г. Кирил Стојановски, Евангелистичко-методистичката црква, супер итенден Марјан Димов и Еврејската зедница, Пепо Леви.
Средбата и апелот на верските лидери следи откако кулминираше прославата на Денот на албанското знаме кога во центарот на Скопје беше сквернавено и запалено македонското знаме. Како што соопшти полицијата, за сквернавење на националните симболи, уапсила 17 лица меѓу кои имало и малолетници.
Уапсени се и три лица во Прилеп, кои како одговор на инцидентите во Скопје, го сквернавеа албанското национално знаме. Уапсено е и лице во Куманово што корнело национален симбол на Република Србија од почесниот конзулат.