Владата не го прифаќа предлогот на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница
Предлогот на фискалниот совет за зголемување на старосната граница за пензионирање предизвика големи реакции во јавноста.
Владата соопшти дека нема да го прифати предлогот за зголемување на старосната граница и ќе бара друг начин да ја пополни дупката во Фондот за пензиско осигурување.
„Во овој момент, она што направивме е усогласување на пензиите од 5.000 денари. Имаме активна методологија, имаме закон по кој што се работи. Остануваме посветени и на состојбата во Фондот за ПИОМ и ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент не се размислува за она што беше предлог од страна на Фискалниот совет“, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Претходно и од Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) реагираа на предлогот да се оди во пензија на 67 години. Од таму рекоа дека треба да се направи стратегија како да се задржат младите во државата и да им се понудат квалитетни работни места како единствен начин да се полни касата на ПИОМ.