Ја разбираме реакцијата на Каролина и покажавме дека Македонецот може да седне на маса и да се договори, велат од Македонската заедница во Германија


Емотивната реакција на македонската музичка ѕвезда Каролина Гочева ја разбираме и на нејзе и на нејзиниот тим им посакуваме продолжување на успешната турнеја во Германија и посакуваме понатамошни успеси секаде каде што ја претставува нашата Македонија, порачаа во своето јавно обраќање од Македонската заедница во Германија.

Од таму додаваат дека после изминатите случувања во Дизелдорф и настаната ситуација, Македонската заедница и организаторите Legacy Event&Marketing на германската турнеја на Каролина Гочева, разговарале и се договориле за идна соработка и координација.

Оваа рекација доаѓа откако Гочева, за време на концерт во Диселдорф раскажа дека дознала како се испраќале апели за бојкот на нејзиниот концерт.

Притоа, бојкотот не е ни од Грци, ниту од Бугари, ниту од овие вчера што ни го газеле знамето, туку од македонско друштво од Диселдорф, кажа таа од сцената.

Набргу потоа се огласија и од Македонската заедница во Германија и објавија демант. Истакнаа дека во јавноста биле изнесени невистини и лажни обвинувања дека со меморандумот на Македонската заедница во СР Германија се направил обид за бојкотирање на концертот на Гочева, и го објавија Меморандумот според кој македонските здруженија кои организираат настани и концерти во Германија, треба да се координираат, за да не се поклопуваат тремините на настаните. Во истиот, никаде не се спомнува бојкот, туку се повикува на соработка.

Во своето последно јавно обраќање, Македонската заедница во Германија објави дека по разговорот со организаторите на турнејата на Каролина, сакаат да стават крај на сите шпекулации кои се пишувале на социјалните мрежи, но и се објавувале во медиуми, и ќе ја покажеле вистинската сплотеност на Македонецот.

-Македонецот и покрај сите недоразбирања може заедно да седне на маса и сите недоразбирања да ги реши. За доброто на сите нас кои живееме и работиме во Германија, потребно е заедно и да работиме и да се поддржуваме, и тоа во иднина сите заедно ќе го направиме, порачаа од Македонската заедница во Германија.

Back to top button
Close