360 (ДОКУМЕНТ) Уставен ниту ќе го укине, ниту ќе ја запре примената на Законот за употреба на јазиците
„Судот да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците“. Ова е препораката во рефератот на судијата известител по вкупно 13 поднесени иницијативи во врска со Законот за употреба на јазиците кој стапи на сила во 2019 година, а за кој в среда ќе одлучува Уставниот суд.
Зошто да не се поведе постапка? Според рефератот, кој го изготвува уставен судија, затоа што Законот за употреба на јазиците е втемелен во Уставот.
„Содржината на оспорениот Закон за употреба на јазиците во целина ја имаат својата уставна основа и оправданост во амандамнот V на Уставот на Република Северна Македонија. Оттука, сметаме дека не може да се поведе под сомнение неговата уставност ниту во поглед на овој амандман, ниту со член 51 ставовите 1 и 2, член 8 став 1, како што е наведено во иницијативите“,
пишува во рефератот.Ова значи дека в среда нема да се поведе постапка за оценување на уставноста на Законот во целина. И не само тоа. Туку нема да се запре ниту спроведувањето на законот со носење т.н. времена мерка.
Најголем број од тие спорни делови од членови се однесуваат на употребени формулации, односно на нивна непрецизност. Така, во рефератот се забележува дека иако во членовите од Законот за употреба на јазиците се набројуваат институциите што треба да обезбедат поголеми јазични права, на неколку места дополнително се користат непрецизни формулации.
„И покрај децидно набројаните институции области… законодавецот на крајот се определил да се употребува и изразот ‘и други институции’ односно ‘и другите институции’… ‘како и сите други органи, тела и други институции’… ‘како и во други области’. Овие одредби се нејасни, непрецизни и двосмислени, оставаат простор за дилема дали вклучува и приватни субјекти кои вршат јавна дејност и слично. Вака поставените законски норми се непрецизни во уредувањето на општествените односи, оставаат простор за нејасност околу опсегот на примената на јазикот во комуникацијата на институциите со граѓаните, а тоа го доведува во прашање владеењето на правото“,
пишува во рефератот.Понатаму, Уставниот суд не ја спори намерата на законодавецот да ја прошири употребата на другите јазици освен македонскиот. Но, имајќи го во предвид Уставот, судијата известител укажува на несоодветна употребата на изразот албански јазик и тоа во заграда на две места во Законот.
Имено, во членот 1, став 2 од Законот, пишува „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик)…“. Според Уставниот суд, тоа е во спротивност со член 7, став 2 на Уставот, каде се пропишува дека „друг јазик што го зборуваат 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо“. Односно, судот смета дека со ставањето на изразот „албански јазик“ во заграда се излегува од уставната рамка.
Дополнително, спорно е што во членот 18, став 3, во делот за Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, се предвидува дека се вработуваат лингвисти и филолози по албански јазик. Во рефератот се аргументира дека законот:
„Ги става во привилегирана положба филолозите по албански јазик во однос на дипломираните филолози по другите јазици, односно вака формулираната норма е непрецизна и спротивна на темелните редности на уставниот поредок, односно на владеењето на правото“.
Сумирано, во овој дел, во рефератот не се предлага укинување на Агенцијата или укинување на права предвидени во Законот. Се бара прецизен реченик, кој е во согласност со Уставот и правото.
Симболи на пари и судските постапки
Единствените конкретни одредби, односно ставови од членови од Законот за употреба за јазиците за кои се предлага да се поведе постапка се поврзани со парите и со кривичната постапка.
Имено, членот 8 има три става. Во првиот се предвидува на парите да има симболи што го претставуваат културното наследство и на граѓаните што зборуваат јазик различен од македонскиот, а се најмалку 20%. Во вториот став се предвидуваат двојазични уплатници, фактури, поштенски марки и други документи, а во третиот – двојазични униформи за полицијата и други служби во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот.
Во рефератот не се спорат ниту двојазичните униформи, ниту двојазичните документи, но се спорат парите. Зошто? Накратко, затоа што законот се однесува на употреба на јазик, а не на употреба на симболи.
„Овие одредби од законот се излезени надвор од уставните рамки како на Амандман V кој се операционализира во Законот за употреба на јазиците (а не симболи), така и со член 60 од Уставот на Република Северна Македонија“,
пишува во рефератот.Во членот 9, пак, во неколку става, со Законот за употреба на јазиците се предвидува водење на судските постапки и на македонски и на друг јазик, доколку странка, јавен обвинител, судија или друг учесник во постапката го зборува јазикот на кој говорат најмалку 20% од граѓаните. Оваа одредба, патем, никогаш не почна да се применува во правосудството во земјава. За појаснување, не станува збор за правото на осомничено лице да добие превод на својот мајчин јазик – тоа е веќе гарантирано и со други закони. Туку за водење на постапката (од обвинител/судија) и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните паралелно со македонскиот.
Според рефератот, вака пропишаната норма нема основа ниту во Уставот ниту во Рамковниот договор, а води и кон нефункционален правосуден систем. Во аргументацијата е употребена и пракса од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Вака широко формулираните одреби од законот околу употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните сметаме дека сериозно ризикуваат да го попречат функционирањето на судството во Република Северна Македонија и се во спротивност со начелата на ефикасност и економичност во постапките и претставуваат сериозно кршење на процедуралните гаранции утврдени во Европската конвенција за човекиви права, особено правото на правична судска постапка и правото на фер судење“,
пишува во рефератот.И, на крај, во рефератот се оспорува членот 23, став 5 од Законот за употреба на јазиците. Тој предвидува дека ако во рок од една година не се усогласат одредбите за јазикот во другите закони, тогаш ќе се применуваат одредбите од Законот за употреба на јазиците. Проблемот во тоа е што Законот за употреба на јазиците се носи со обично мнозинство, додека многу од законите на кои тој се однесува, како на пример, оние за судството, се системски закони кои се носат со двотретинско мнозинство. Или, не може „обичен“ закон да уредува материја во „системски“.
Во согласност со Венецијанската комисија
Уште во 2019 година Венецијанската комисија го препорача речиси истото што сега е содржано во рефератот на судијата известител од Уставниот суд.
Насловот на соопштението од гласеше – „Венецијанската комисија ја повикува Северна Македонија да го преиспита новиот Закон за јазици и да ги укине одредбите за двојазичност во судските постапки“.
Аргументацијата на групата експерти на ова тело беше истата која сега ја користи и Уставниот суд – добредојдено е почитувањето на јазичните права, но не и ако се воведуваат неспроведливи одредби.
„Овој пристап значително ќе го успори функционирањето на целото судство, ризикувајќи сериозни повреди на правото на правично судење, кое е гарантирано со Европската конвенција за човекови права. Комисијата, понатаму, нотира дека на законот му недостасува јасност за тоа кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои и за другите помали јазици… Исто така, се препорачува, обврската да се употребува албанскиот јазик во внатрешната и меѓуинституционалната комуникација меѓу јавните службеници да биде ограничена на писмена официјална комуникација или нејзиното стапување во сила да се одложи додека не се посгнат реалистични изгледи за спроведување на тие одредби“,
се вели во соопштението на Венецијанската комисија од 6 декември 2019 година.ДУИ беше за Венецијанската комисија, па се пишмани
Законот за употреба на јазиците беше еден од условите на ДУИ за создавање на Владата по изборите во декември 2016 година. Првичниот нацрт-текст е усвоен уште при преговорите меѓу СДСМ и ДУИ за формирање на владата во 2017 година.
Во гостување на „360 степени“, во јули 2017 година, тогашниот вицепремиер за европски прашања, Бујар Османи, ќе каже дека договорот е законот да биде пратен на мислење во Венецијанската комисија во исто време со почетокот на собраниската процедура за негово носење.
„Значи, идејата е да се усвои што побрзо и ќе се усвои брзо. Ние сме прифатиле по усвојувањето во Влада, законот паралелно да се испрати и во Собрание и во Венециската комисија. Додека трае постапката во Собрание, бидејќи не сакаме да одиме со брза постапка туку сакаме да дозволиме дебата во Собрание бидејќи е важен закон, во меѓувреме Венециската комисија да даде мислење за законот со цел да ги зближиме. Значи, расположението и договорот е да биде паралелен процес. Ова не го одолговлекува процесот на усвојување бидејќи ако се доцни премногу дискусијата во Венециската комисија, Собранието веќе ќе го заврши процесот. Но, е интерес Венециската комисија да даде мислење пред да заврши дебатата во Собранието и кога ќе го завршиме, да бидеме комплетирани. Никој утре да нема простор да отвори дебата во Уставен суд или другите институции за уставноста на законот“,
изјави Бујар Османи во јули 2017 година, во гостување на „360 степени“.Но, на крај, Законот за употреба на јазиците беше оспорен пред Уставнот суд, меѓу другото и затоа што тој не беше испратен до Венецијанската комисија пред неговото усвојување во Собранието, туку потоа. А кога стигнаа препораките, пред се ДУИ, го смени ставот. Бујар Османи, во 2019 г. тврдеше дека ќе го почитуваат ставот на Венецијанската комисија, но дека законот нема да се менува.
„Венецијанската комисија вели не смее двојазичноста, поради недостиг на капацитети да предизвикува одредени проблеми во судството. Затоа нашиот пристап ќе биде преку добри акциони планови да создаваме капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвикува никакви проблеми во судството. Бидејќи, како што реков, колку што е важно правото за јазик, толку е важна и правната држава“,
ја пренесе порталот СДК изјавата на вицепремиерот Бујар Османи, по промоцијата на програмата „Европски корпус на солидарноста“ во ЕУ-инфоцентарот.Од друга страна, СДСМ тврдеше дека целта на испраќањето на законот до Венецијанската комисија е тој да се подобри, ако има забелешки.
На таа линија беше и Европската комисија. Имено, тогашниот комесар за проширување Јоханес Хан бараше законот прво да биде оценет од Венецијанкскта комисија, па потоа да оди на усвојување.