Ќе се зголемува процентот на амбасадори од редот на професионалните дипломати, мандатот ќе биде четири години, најавува МНР
Ќе се зголеми процентот на именуваните амбасадори од редот на професионалните дипломати на МНР и наместо една третина како досега, ќе изнесува најмалку една половина. Ова го предвидуваат предлог-измените на Законот за надворешни работи кои се веќе доставени до Владата. Како што рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, со законските измени се планира и мандатот на дипломатите да биде до четири години, наместо досегашните три години.
Според Муцунски, измените ќе се носат транспарентно и во редовна постапка.
-Одредбата која овозможуваше именување лица за амбасадори надвор од Министерството, кои со своето општествено, културно или научно делување оставиле трага во нашето општество, претрпува корекција. Измените предвидуваат од оваа група да доаѓаат најмногу една половина од амбасадорите кои ќе бидат именувани во иднина, наместо две третини како што тоа беше досега. Враќањето на четиригодишниот мандат е резултат на честата ротација и краткиот временски период за прилагодување во земјите на приемот, што предизвикуваше потешкотии во функционирањето и создавање на непотребни трошоци за министерството и државниот буџет, кои со ова решение ќе бидат намалени. Оваа должина на мандатот се практикува во повеќето европски дипломатии, истакна Муцунски.
Новото законско решение предвидува и минимална корекција на коефициентите за плата и трошоците за живот на дипломатите во странство. Измената, рече Муцунски, е поттикната од долгогодишната стагнација на платите и предвидените кирии за дипломатите, што предизвикуваше големи потешкотии во нормалното функционирање на нашите ДКП-а.
Со предложените измени е опфатена и ситуацијата која во изминатиот период предизвика полемики околу спроведувањето на процесот на именување амбасадори и улогата на Собранието во тој процес. Тогаш бевме сведоци кога законот во повеќе наврати беше прекршуван, при што спротивно на него беа упатени повеќе амбасадори. Измените на законот го допрецизираат законското решение во делот на учеството на Собранието. Во иднина, по усвојување на овој закон, ќе се отфрли можноста претседателот на државата да го потпише указот без да биде испочитувана соодветната процедура во Собранието, информираше министерот.
Измените и дополнувањата на законот овозможуваат и министерот, врз основа на препорака на Владата, да назначи специјален претставник за посебни потреби и од интерес на државата, потреба која досега не беше регулирана со актуелните законски решенија.
Предложените измени на Законот за надворешни работи предвидуваат и измени во делот на инвестициите и надворешната трговија, што произлегуваат од потребата за усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа.
-Овие промени налагаа прилагодување на актуелниот Закон за надворешни работи, со што ќе се овозможи МНРиНТ да ги преземе новите надлежности во делот на креирањето политики за трговија и инвестиции. Покрај преземањето на надлежностите, со новиот закон се предвидува и поедноставна транзиција за вработените кои ќе преминат од Министерството за економија и труд во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Дополнително, имајќи предвид дека досега со ниеден друг постоечки закон не беше детално регулирано институционалното делување во делот на надворешната трговија и инвестиции, со овие измени се постигнува и таа цел. Во општите одредби на законот се опишуваат обврските во делот на надворешната трговија и инвестициите, а подетално се разработуваат надлежностите на владата и министерството во оваа област, објасни Муцунски.
Министерот заклучи дека со измените се создава законска основа за реализација на два важни приоритета на Министерството и Владата: професионализација на дипломатската служба и подобрување на работењето и функционирањето на целокупниот државен систем вклучен во дипломатските процеси, како и преземање на надлежностите во делот на надворешната трговија и инвестициите.